Животна училница // Приказни
И жените се шампионки во фудбал
ПРОМОВИРАН СПОТОТ ДЕВОЈКИ КАКО НАС ЗА РОДОВА РАМНОПРАВНОСТ ВО СПОРТОТ
Силна инспирација и порака за сите жени да се занимаваат со спорт, носи видеото „Девојки како нас“, кое денес премиерно беше прикажано на прес конференцијата во „Јавна соба“ во Скопје. Настанот го организираше невладината организација ТАКТ (Together Advancing Common Trust), а спотот е снимен со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија.
Целта на проектот е родовата рамноправност и застапеност во спортот. „Нашата визија е дека преку ова видео ќе се инспирираат и охрабрат што поголем број на девојки да спортуваат, да станат помоќни и со тоа да придонесат кон промоција на родовата рамноправност“, рече Силвија Митевска, претседателка на TAKT.
Видео спотот е емотивна приказна во која главната улога ја имаат осум успешни спортистки. Тоа се кошаркарката Една Муса, тенисерката Лина Ѓорческа, фудбалерката Теодора Димоска, боксерката Гордана Цветковска - Бошевска, Силвија Митевска, која се занимава со параглајдерство и е првиот женски тандем пилот во Македонија, велосипедистката Елена Зизовска, пливачката Ана Јаневска и атлетичарката Дрита Ислами. Пред името на секоја од нив е напишана лична мотивирачка порака за тоа како спортот влијае на нејзиниот живот.
Итересен говор на настанот одржа Вилем Ваутер Пломп, амбасадор на Кралството Холандија во Република Македонија.
„Две третини од вкупната женска холандска популација се ангажирани во спортот на неделно ниво, без оглед дали се работи за рекреативно или професионално занимавање со спорт. Ако на гугл пребарате женски спортови во Холандија, ќе добиете бројка од седум и пол милиони одговори. Најдобар пример за успехот на дамите во спортот кај нас е женскиот фудбалски тим, кој стана шампион на Европското првенство во фудбалот за жени оваа година. Тоа на мажите не им успеало, тие не можеа ниту да се пласираат. Холандските одбојкарки освоија сребро на европското првенство“, изјави амбасадорот кој за крај потсети на голем успех во македонскиот женски спорт, кога РК „Кометал Ѓорче Петров“ во 2002 година го освои и европскиот Суперкуп.
Дарко Каевски од Агенцијата за млади и спорт најави новитет. Од сега две жени се вклучени во советот на агенцијата, што до сега не бил случај. Проект во кој тој и неговиот тим веруваат е и училиштениот спорт, со кој ќе се мотивираат младите во рамките на училиштето да се занимаваат со фудбал, ракомет, кошарка и одбојка.
Успешната атлетичарка Дрита Ислами за крај раскажа дека жените Албанки во нејзината средина не биле доволно ценети и поддржувани во спортот, но таа со нејзината упорност успеала. „Горда сум што сум им пример и идол на младите, и што мојот тренер е исто така жена“, изјави Дрита која за свој најголем успех го смета учеството на Олимписките игри во Рио Де Жанеиро лани.
https://www.facebook.com/TAKT.ngo/videos/1917187781864326/
За Женски Магазин, Милица Џаровска