Животна училница // Приказни
Кафе? Виски? Повелете…
Еден врнежлив
ноемвриски ден,
завиен во облаци к’о во
детски пелени
да ми ги впие ревањата.
Не земај ништо со тебе,
само дрскоста што
господареше
со твоето присуство
завлечи ја...
Нека тежи над десното ти
раме,
левото остај го празно,
да можам раката попреку
да ти ја префрлам.
Дојди ми на едно кафе,
или пладневно виски,
ако така ти е ќефот,
облечен како лани
на истиот ден.
Во вагонот,
расплети ги пајажините
на моите интриги,
здипли ги вените
по кои буричкаше,
замотај го празен
целофанот
од бонбончето
што тукушто се растопи
на твојата телесна
температура,
дај ми го на
пристигнувањето.
Дај ми седум часа
да те вивнам до небеса
и да те треснам одземи
минута по нивното
истекување.
Само така ќе те оставам
на раат,
да го живееш животот
на кој ме принуди.
За Женски магазин, поетесата Тања Кармзова Костиглиола