Животна училница // Приказни
Кој се грижи за мајките кои не се грижат за себе?
Возрасна жена, излезена надвор во пижами. Преокупирана со отпадот околу контејнерите. Го забележува и најмалото ливче. Вредно го собира и го става таму кај што треба да биде ставено. На местото за отпад, кое некој го промашил. А каде е нејзиното место во 7 часот наутро, и што е промашено во нејзиниот живот? Погледите набрзина ни се среќаваат. Помислувам, има ли некој нејзин што некогаш ја мисли… Помислувам на мајка ми.
Паркинг, 40 и нешто степени. Подготвени како за на пат, чекаат три жени–мајка и две ќерки. Чекаат цело утро, таму се цело пладне, таму се цело попладне. Чекаат заедно со болеста која долго време си поигрува со нивните животи. Чекаат заедно со погледите на вознемирените соседи, кои се чудат како ќерките заличеа на мајката. Каде ли ќе ја минат ноќта? Како ли ќе ги дочекаат сите денови кои ќе се редат пред нив, во само нивниот свет?
Таа има 15 години. Веќе е мајка, на нејзината мајка, двете сестри и братот. Дојдена е за братчето. Прашува дали може да го запише во прво одделение, а септември скоро завршува. Загрижена е за децата, со кои заедно е нечие дете. Ретко кога виделе убав ден, а таа се сеќава на убави времиња, кои сега се минато. Дома е толку многу тажно, откако мајка ѝ е толку многу тажна.
Вели дека ќе се убие. Шефот ја малтретира. Маж ѝ ја малтретира. Родителите не ѝ помагаат. Не можат да ѝ простат што не го заврши факултетот. Не можат да ѝ го простат малтретирачот. Колешката ја советува да мисли на децата. За нив нема да се грижат оние кои сега не се грижат за неа.
Лекарите креваат раменици. Шансите да преживее ги поврзуваат со Господ. Пред еден месец требаше да замине во пензија. Си го продолжи работниот век, иако беше предозирана од работа, и дома и на работа. Чекаше нејзините да средат нешто, па уште нешто… Сега, нејзините чекаат на Господ.
Од градинка го носи дома, порано од вообичаено. Се држат за раце. Го влече лево-десно, затоа што се тетерави. Многу алкохол, за малку саати од денот. Го прашува нешто неразбирливо, па вика за да ја разбере. Не ја разбира и не разбира многу работи. Нема кој да му ги објасни. Такви работи објаснуваат само мајки.
Лесно ќе ја препознаеш. Преуморна, а со идеја да биде неуморна. Преокупирана со семејството и секојдневните обврски, кои заробуваат и добар дел од ноќта. Такви ѝ се делниците, празниците, а понекогаш и деновите од одморот. Не успева да зграпчи делче од времето, да го потроши за нешто малку различно и само свое. Не успева да си дозволи, да биде сонувач и да биде меѓу сонувачи. Не успева да разбере, дека највеќе одмор ѝ е потребен кога има најмалку време за одмор. Не успева да научи колку е важна во својот, за другите животи…
Кој се грижи за мајките кои не се грижат за себе?
Кој не се грижи?
Навистина е страшно што сè може да се случи, кога со мајките нешто неубаво се случува.
Навистина е премногу потребно во овој голем забрзан свет, мајките да умеат да се грижат за себе. Да знаат колку се важни за детските животи, во својот живот.
За Женски Магазин, колумна на Елизабета Петровиќ, семеен и системски психотерапевт