Настани,
Театар
МАКЕДОНСКО ХОЛАНДСКО-ШПАНСКА ПРОДУКЦИЈА НА ФЕСТИВАЛОТ „СОНОТ НА ОБЛАЧЕТО“: Сенките кажуваат повеќе од зборовите
Детскиот фестивал на театар со сенки „Сонот на облачето“ започна во понеделникот (20,11) во киното Фросина во МКЦ во Скопје, а завршува во среда (22.11). На публиката од сите генерации, и понуди три уникатни претстави: холандската „Јас и болвата“, шпанската „Сенки“ и домашната „Малиот принц“ како и неколку детски работилници.
„Оваа година, после неколку годишна работа успеавме да ги донесеме „Lichtbende“ алтернативна театарска група од Холандија која создава сенки од рециклирани материјали и со помош на светла прави магија на сцената која не често може да се види во театрите кај нас. Втората група ни доаѓа од Шпанија, извонредната Валериа Гуглиети со помош на нејзините дланки раскажува хумористични приказни гледливи за сите возрасти. За затворање на фестивалот настапува нашата група „Сенки и облаци“ со едно ново видување на веќе познатата приказна за „Малиот принц“. Фестивалот се роди пред пет години, со желба за споделување театарски претстави со сенки од целиот свет. Неможноста да отпатуваме во различни делови од светот и да ги погледнеме и споделиме сенките, ние одлучивме да најдеме сили и средства па тие сенки да ги донесеме кај нас. Досега сенките сме си ги споделиле со театрите од Шпанија, Бразил, Франција, Србија, САД, Грузија, Грција‘, раскажа Катерина Сековска, проект менаџер од театарот за сенки и облаци.
Според неа, сенката сама по себе е фасцинантна. „Бебињата во почетокот на својот живот гледаат само матни слики и сенки. Ним им се толку блиски, затоа децата возбудливо ги прифаќаат. А кога се пропратени со глас, звук и боја се создава магија која оживува раскажува и доживува.“, вели Сековска и додава дека предизвикот да се работи на овој проект е уште поголем зашто успеваат да го задржат вниманието на целото семејство, не само на децата.
[caption id="attachment_6091" align="aligncenter" width="576"] Ја користам техниката на сенки со моите раце и малку со реквизити кои прават силуета. Работам без зборови, затоа што сакам да го презентирам јазикот на немиот филм. - шпанската актерка Валериа Гуглиети[/caption]
Валериа Гуглиети од Шпанија по втор пат гостува на фестивалот, нејзините раце и мајсторската игра ја воодушевија публиката со нејзината претставата „Sombras“ - „Сенки“.
„Ја креирав оваа претстава барајќи само една приказна. Тоа е еден човек со своите мисли. Ја користам техниката на сенки со моите раце и малку со реквизити кои прават силуета. Работам без зборови, затоа што сакам да го презентирам јазикот на немиот филм. Ја имам претставено „Sombras“ насекаде низ светот, а втор сум во Скопје, по гостувањето во 2015 година“, изјави Валериа за Женски Магазин. „Ги предизвикувам гледачите да сонуваат, да пливаат во морето од сенки и во нивните неверојатни ликови. Со сенки се раскажува она што не можете да го кажете со зборови“.
[caption id="attachment_6092" align="aligncenter" width="640"] По претставата, низ куса работилница, им овозможува на децата да видат како се создавал настанот. - холандската актерка Мари Римејкерс во Скопје[/caption]
Мари Римејкерс од Холандија веќе 20 години работи на театарски претстави со сенки и со светла. Таа е една од уметничките директори на театарот „Lichtbend“, го работи визуелниот дел и продукцијата.
„Ние правиме волшебни приказни со музика, визуелни уметности и театар во живо, споени со анимирани филм, проектиран на голем екран со магични фенери. Со цртање на оригиналната форма на аудиовизуелни медиуми, нашиот театар генијално ја покажува магијата вклучена во создавањето на првите светлосни слики. Претставата „Јас и болвата“ е приказна за улично куче кое наоѓа нов дом со грижливо семејство, духовита, со изненадувачки крај“, ни изјави Мари.
По претставата, низ куса работилница, таа им овозможува на децата да видат како се создавал настанот. „Демонстрациите по шоуто ја објаснуваат основната техника на магичната фенер-анимација. Децата слушаат жива музика на сцената, и имаат простор џ ја толкуваат приказната според сопствените искуства. Тоа е израз без зборови. Театарот со сенки е волшебен свет кој ја допира душата и духот. Тоа е најстарата форма на театарските дела. Нашите претстави се визуелни и музички приказни без зборови, тие се поетски и асоцијативни,“, додаде гостинката од Холандија.
За Женски Магазин Милица Џаровска