Јас сум мал бог. Се мора да биде како што ќе замислам, посакам, исконструирам. Мојот плач е знак дека е неопходно да го изгасите огнот. Секоја и мала непријатност треба во старт да биде санкционирана, бидејќи јас така САКАМ! Сакам така, да јас сум божество кое вие го создадовте и треба да му се поклоните. Поклонете се, вие мои родители, издржувачи и натерајте го светот да клекне пред мене.
Јас сум бог на родендени, на сите, на мојот се подразбира. Јас сум бог во градинка и ако ви кажам дека некој ме допрел, очекувам веднаш да реагирате и тоа така што ни случајно нема да ме замарате со проверка на точност на информацијата која ви ја давам. Јас сум бог во парк и можам сечија играчка да ја допрам, а мојата никому да ја дадам. Ми се може. Јас сум бог во сообраќајот, сите треба да ми понудите место. СИТЕ! Ако воопшто одам со превоз. Јас сум бог на море и сите кантички и лопатки се мои, освен ако не одлучам поинаку. Јас сум бог во базен, немој случајно некој да ме испрска, а јас можам да прскам и да бркам колку сакам, а сакам многу. Имам право да му ја земам топката на друго дете, бидејќи моите родители секако ќе кажат дека тоа е детска игра. Можам да бирам сладолед и да го држам отворен фрижидерот баш колку јас сакам!
Откако знам за себе, ме гледале како божество, тоа е мое тело, заедно со умот кој ми е даден, јас сум навикнат на таков третман само таков третман. Јас се будам и се ми е по волја. Јас денот го терам по моја волја, научен сум да сум јас важен. Јас лежам во кревет кога ми се посака, бидејќи, јас знам кога ми се спие. Можеби се прашувате како јас со своите три, пет, седум или девет години знам што е најдобро за мене. Ако се прашувате, ќе ви дадам одговор. На тоа ме научија моите создатели. Тие на другите им говореа дека јас точно го чувствувам уморот, гладот, потребата за нешто, што било. Што ми преостанало друго, освен со нив да се сложам и да ја живеам својата боговска улога.
Да ви објаснам уште некои ситници. Јас точно знам кој сок, од седумдесет понудени, сакам да го пијам. Многу ми е јасно која гардероба најдобро ми стои и затоа оправдано кревам глас кога моите родители сакаат само да предложат поинаку. Многу свесно бирам краток шорц и хулахопки или шорц со брзи патики во јануари, бидејќи ми се сака. Ако ми се носи бунда во јануари, ќе ја носам и воопшто не ги разбирам оние кои ме одгледуваат, кога како да се правдаат, зошто детето е облечено како што е, на воспитувачките на врата. Па, вие тоа се ми го дозволивте, а потоа објаснувате дека не можевте да влијаете да биде поинаку. Каква лага, родители мои. Без вас, јас сум ништо, со вас јас сум се. Така ме учевте, со тие зборови ме заспивате. Во спротивно, каква би требало да биде мојата фантазија за да замислам дека се можам и се смеам, да не сте вие?
Сите книги смеам да ги кинам и по нив да чкртам, дури и ако се туѓи. Своите не ги давам. Каде и да одиме на гости можам да се качам на маса и да барам да ја забавувам публиката, без разлика што дошле без деца, да се опуштат сигурно малку. Јас сум она слатко, неодоливо битие чија фаца сè уште има што да покаже пред другите, ве интересирало вас тоа или не. Можам да земам бескрајно многу јадење во чинија и потоа да кажам дека не сакам тоа да го јадам, бидејќи вие секако ќе најдете оправдување, сито е детето но му изгледаше дека може да ја изеде супата со сарма, печено, сладолед и торта одеднаш. Хахаха, знаете какви се денешните деца …
Ова не е крај, но крај за ова пишување за мене, ќе ви раскажам што направи мојот татко пред некој ден. Дојдовме во паркот и си игравме диносауруси и така во таа игра се случи мојот другар да сака да ме зграби за нога. Не ме повреди, се смеевме цело време, само некој мили, мили, милиметар од моите хеланки беше скинат. Јас се обидував на тато да му кажам дека си игравме и дека ми беше убаво, но тој сепак и пријде на мајката на мојот петгодишен другар и ѝ рече: „Знаете госпоѓо јас ги имам нив две и овој Ваш мал би можел да го треснам од врата, без да трепнам!“ . Татооо, се мислам во себе, ти реков дека беше само игра, а потоа се повлеков, мудрица каква сум, со моите пет години. Дали сум татина Божица или што?
Што се однесува до училиштето, ние сме мали богови, посебно на тестирањето кај психолог, кога нашите родители велат дека пред нив е Микеланџело лично, Едисон и Тесла заедно, Тина Тарнер или можеби дури Мерил Стрип и Џастин Хофман во едно, бидејќи јас сум актер од како постојам и ви благодарам на тоа прекрасни создавачи, пардон родители, мои.
Ве сака и почитува вашиот бог лично.