Со мирен марш и хуманитарна акција, Федерацијата на фармери (ФФРМ) и Мрежата за рурален развој денеска во Ресен и Отешево ќе го одбележат 15 октомври, Меѓународниот ден на руралната жена.
Целта е да се истакне потребата од економско јакнење на руралната жена, нејзино поголемо инволвирање во креирањето на земјоделските политики, како и заедничката борба против дискриминацијата и традиционалните бариери кои најмногу прават проблем во едукацијата и развојот на руралните жени.
Денот на руралната жена годинава е под мотото „Предизвици и можности за адаптирање на земјоделството на климатските промени за родова рамноправност и зајакнување на руралните жени и девојки“.
– Во земјоделството, климатските промени ги влошуваат постојните бариери за родова еднаквост со кои се соочуваат жените-земјоделци. На глобално ниво, жените сочинуваат 43 проценти од земјоделската работна сила и играат клучна улога во поддршката на безбедноста на храната во домаќинствата и во заедницата. Меѓутоа, поради дискриминаторски политики или нееднакви социјални норми, жените-земјоделци имаат помал пристап од мажите за да обезбедат сопственост на земјиште, финансирање, вода и енергија, соодветна инфраструктура, технологии и услуги за проширување, се вели во пораката на UN Women.