Граѓанската иницијатива „Мрдни со Прст“, „Црвен Крст на Град Скопје“, организацијата „Ајде Македонија“, Здружението на граѓани за помош на бездомници и загрозени семејства „Љубезност“, Сојуз на извидници на РМ и организацијата „АДРА“, на 17ти октомври (вторник), во периодот од 10:00 до 19:00 часот, за сите заинтересирани граѓани, ќе бидат достапни 5 штандови за донирање на храна во Скопје.
Штандовите каде во вторник ќе може да се донира храна, ќе бидат поставени на следните локации: Плоштад Македонија, пред Скопје Сити Мол кај Плеј кафе, во Аеродром пред Веро, пред Дом на Градежници и во Ѓорче Петров пред Тинекс.
- „Податокот дека 445.000 граѓани во Македонија можат да обезбедат само еден оброк на ден, доволно говори за потребата од адресирање на оваа тема и размрдување и активирање на граѓаните.
Во вторник на 17-ти октомври ќе собираме храна за бездомниците и за сите загрозени семејства на кои храната им е најпотребна во моментов. Пакетите ќе се прават на самото место заедно со граѓаните коишто ќе донираат. Се надеваме на огромен одзив од страна на граѓаните, но и од страна на бизнис заедницата и компаниите до кои беа испратени писма за нивно активно вклучување кон акцијата.
Целта на акцијата „Нахрани 1000“ е поттикнување на солидарноста, како и подигнување на општествената свест за донирање на храна на оние на кои таа им е најпотребна.
Организаторите за граѓаните и компаниите составија список на потребни производи коишто ќе може да се донираат на пунктовите: ориз, грав, сол, шеќер, брашно, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана риба, супа кокошкина, бисквити, кечап, леќа, конзервирано овошје и зеленчук.
Повеќе информации за оваа иницијатива се достапни на Фејсбук настанот за „Нахрани 1000“.