Животна училница // Приказни
На која генерација припаѓаш?
Девојко, девојче…вие младите!
Веќе подолго време не сум сигурна во која категорија да се сместам. Стари или млади?!. Кога ќе ги слушнам овие ословувања, дали да ги сфатам како комплимент или да се почувствувам навредено, зошто ако го занемариме изгледот, а потоа и духот кој претставува субјективно чувство, на крајот на денот сепак имам 38 години. Заклучок: млада не сум.
Кој ја поставува границата? Дали самата пресекувам или чекам некој да ми додели статус, како цариник вињетка. Дали е тоа лична определба? Можеби сега се чувствувам остарено, но го пролонгирам признанието со „забава за млади“?!
Слушам иста музика со син ми, гледаме исти серии, разменуваме песни на mail, стикери на Вибер, си прераскажуваме филмови, со неговото друштво разговараме за последниот модел на iphone… го имаме тој ист телефон, компјутер, тие исти адидаски…
Дали ни прилега на годините да сме прикачени на истите апликации истовремено и да поминуваме идентично време насоцијалните мрежи, да продуцираме подеднаква количина на содржина на интернет и да комуницираме преку истите симболи со нашите пријатели???
Збунета сум. Која генерација сум всушност јас?
Чекај да проверам на google.
...И тука сфаќам дека како и новите генерации, така и ние голем дел од нашите ставови и погледи кон светот ги креираме на база на интернет search. Content junkies сме, креираме постови on the go, like ни е мерна единица за influence, скоро па врвни tech експерти сме и сакаме креативно да се изразиме во рамки на нашите мини community кругови… а за македонско/англискиот и да не зборуваме.
Тоа е тоа! Ние сме всушност возрасниот огранок на ГЕНЕРАЦИЈАТА Ц-таа нова конзумеристичка, дигитализирана, гладна за содржина и информации, креативна сила без граници.
Ако подобро размислам, веќе подолго време не се идентификувам со бројки, години или место на живеење, туку со особини, интереси, вредности, однесувања, lifestyle…
Психографијата е дефинитивно новата демографија - што не прави врсници, најдобри другари и први комшии со луѓето со кои се среќаваме во интернет сообраќајот, но ретко и во живо. Toa e мајката на јога инструкторката која е дигитален револуционер на нејзини 60 години, нејзините внуци, нивниот професор… Тоа е таа генерација чиј playground е бестежинскиот интернет простор со нулта гравитација, максимално густа мозочна маса и никакви временски законитости.
Апропо времето. Ја гледав Ајнштановите соништа на Слободан Унковски на нејзината премиера во Белград. Одлична и крајно освестувачка. Големиот во случајов фиктивен Алберт уште еднаш, преку неколку интересни приказни, потврди дека нема категорија по релативна од времето, што ги прави годините само перцепција на умот!
И навистина. Никогаш поблиска и побледа не била разликата во години помеѓу родители и деца. И ова не треба да ги навредува постарите ниту да ни импонира нас заглавените помеѓу. Ова е предност која треба паметно да се искористи. Заедничкото прегледување содржини на youtube нема да одземе од мојата сериозност туку ќе додаде блискост во односот со моите деца. А мониторинг е само плус во денешната бура од неселектирани информации.
Тоа што не се предаваме на застарените и традиционални модели на созревање кои подразбираат скрасување и препуштање на целата забава исклучиво на младите, не нè прави незрели личности со петарпановски синдром. Не, бидејќи предизвикот сме го прифатиле, одговорностите се во игра. Возрасни сме по сите параметри и тоа го докажуваме секое утро на работа, попладне бркајќи бирократски и домашни обврски и навечер ушушкувајќи ги нашите најмили во кревет за добра ноќ.
Овој типичен од утро до вечер ден, некогаш неодоливо ме потсетува на oldschool VHS касета која знае да завергла, да мота назад, да стои паузирана или да врти забрзано нанапред. Поради овие и слични карактеристики на еластичност и растегливост на категоријата време, остануваме често со прашалници во глава: Дали сме стари или млади кога сме некаде на средина на животниот век?
Затоа е време да го преформулираме прашањето во: Како се чувствуваме? Единственото мерило или бројач на години кој се регулира во зависност од личното расположение.
Јас се чувствувам како за попладневен Rick and Morty маратон оваа сабота со син ми! Го запишувам со црвено во мојот планУМ! Ама копајќи по информации на интернет и барајќи балетска школа за ќерка ми, налетав на часови класичен балет за возрасни… мм од секогаш сум сакала да играм балет.
Супер! Тоа сум јас периодов! Тоа е мојата старосна категорија – припадничка на генерацијата Ц, која фанатично гледа Netflix серии и игра балет во доцни 30ти. •
Како се чувствувате вие периодов?
*нагласената употреба на странски термини има за цел да ја доближи на автентичен начин поентата на текстот.
За Женски Магазин пишува Александра Шаровиќ Атанасовска – facebook.com/sandrasharovic– Автор на ПланУМ и оснивач на Моментис- https://www.myplanum.com/