Животна училница // Приказни
Не стој до мене, трудна сум
Не стој до мене, трудна сум. Може да те префати. Македонија е една од земјите кои се без стратегија за зголемување на наталитет. Психолозите, педагозите сметаат дека среќните деца се резултат на трудот на среќни мајки. Среќни мајки пак се реализирани личности, професионално, емоционално, семејно. Тие имаат успешна кариера, се грижат за себе, го насочуваат семејството, се грижат за партнерот. Среќна жена е таа која верува во себе, во можностите, знаењето, способностите со кои располага, во својот изглед. Среќната жена сака да има право на избор, сака да донесува одлуки кои влијаат на нејзиниот капацитет како мајка, вработена, колешка, партнерка, пријателка. Затоа дајте им на жените можност за избор. Не создавајте терен за нивно дополнително дискриминирање.
Жените во Македонија секогаш се оптоварени со реализацијата на мајчинството. Да се биде мајка или не. Ќе останат ли на работа, ако затруднат или дали по породилното некој друг го пополнил нивното место.
Жената не е само домаќинка. Таа е мајка, сопруга, пријател и колешка. Секое семејство е побогато со деца. Секое семејство е среќно со мајка која е исполнета и може да се посвети на мајчинството. Жената пред 100 години и жената денес се две различни жени. И во обата случаи еднакво моќни во улогата на мајки, дури и незаменливи. Во првиот случај жените во 96% беа домаќинки, семејно подредени на семејството, домот и сопругот. Нивниот работен ден беше пополнет толку со обврските во овие три категории. Жената во 21 е образувана, еманципирана, успешна жена. Притоа, само мал процент од оваа категорија на жени сакаат да останат само успешни жени. Најголемиот дел од нив смета дека титулата најуспешна секогаш е во рацете на убава и силна жена, доволно еманципирана и образувана, вработена и ценета колешка, пријатна и секогаш расположена партнерка, но најважно од се-мајка. Оваа титула многу тешко се одржува, бидејќи секогаш на Балканот жената е растргнат ѕвер, кој мора секаде да биде подеднакво добар, притоа да не погреши и задолжително да ја чува насмевката за саканиот, додека ги одгледува нивните деца.
Во 21 век за да воспитате, образувате и изградите еден примерен детски нормален лик, како мајка, а и како татко, треба да вложите многу повеќе труд. Не само љубов, бидејќи тоа едноставно ќе биде малку, а вашето дете не ќе може да се вклопи во динамиката на денешницата. Едно дете за да стане личност, треба да се нахрани, напие, облече, образува и најважно од се, да се воспитува и сака. За мајките ќе беше најлесно само да раѓаат и тука да заврши секоја нивна одговорност во врска со нивното дете. Но, не е баш така. Токму и затоа многу мајки се чувствуваат поразени, кога веднаш по сознанието дека се бремени, добиваат лоша честитка од фирмата во која работата во која пишува дека тие не сметале на нејзината бременост. Втора, исто така поразителна ситуација е враќањето на работа по завршувањето на породилно, а таму имате ситуација, извини, но твоето место е веќе пополнето. Што треба да направи една мајка во тој случај, да плаче или да пита со своето дете, очекувајќи на тој начин да го разреши овој семеен проблем?
Не е редок ни случајот кога бремени жени се дискриминирани на работа, токму поради нивната состојба. Бременоста е како заразна болест, па често дури и големите фирми не би сакале во својот тим да вметнат бремена жена без разлика на нејзините способност, затоа што нејзината состојба едноставно не се поклопува со нивната стратегија за раст. Жените денес сакаат да бидат успешни, на сите полиња. Но, дали тоа е возможно? Дали жените имаат избор?
Македонија мора прво да изгради силна економија, систем на вредности, социјална сигурност и капацитет на моќни компании, кои нема да го оспорат правото на мајчинство на една жена. Во секој друг случај, многу идни мајки, посебно млади, ќе бидат дискриминирани.
За Женски Магазин, уредува Вики Чадиковска