Вечерва во 19:30 во киното „Милениум“, отворање на петтиот Фестивал за млади „Џифони Македонија“. Фестивалот ќе биде отворен со проекцијата на филмот „Ловец на муви“ во режија на Изер Алиу.
Станува збор за нискобуџетен филм кој е снимен во 2016 година, а светската премиера ја имаше на фестивал во Торонто. Режисерот Изер Алиу е од Македонија, но живее во Шведска и Норвешка каде и го завршил филмското образование. Неговиот игран филм „Ловец на муви“ и претходно краткиот филм „Шунарот“ се снимени во Кондово.
Интернационалното жири на петтиот „Џифони Македонија“ ќе го сочинуваат над 700 млади од 12 држави од Европа на возраст од десет до осумнаесет години. Ќе бидат прикажани 15 играни филмови од официјалната конкуренција, како и многу други кратки и документарни филмови. Планирани се и 11 работилници за филм, театар, музика и танц, како и повеќе придружни активности.