Животна училница // Приказни
Маската за кислород прво ставете си ја себеси
Приказни од мојот планУМ
Толку многу пати ја имам слушнато оваа реченица што ја имам прифатено здраво за готово, исклучиво како инструкција за безбедност во случај на црните сценарија за време на еден лет. И секогаш вешто ги игнорирам. А го правам тоа за да ги избегнам црните мисли во глава кој се мултиплицираат и надоврзуваат една на друга како Смит од Матрикс… Така и со оваа реченица. Ја слушам и го започнувам монологот кој се одвива во делче од милисекунда: Ок Ок… какви глупости ... нешто ќе се случи, па прво јас ќе се спасувам, а потоа детето… мислааам! … чекај да видам што има во магазинов, кој е новиот безобразно скап часовник…
Но, последното патување до Норвешка во кое со бебе од неполна година дена сменивме точно 6 лета во двата правца, имав прилика да ја слушнам реченицата повеќепати и да ми одѕвонува како ехо во глава долго после “тачдаунот” на домашно тло.
Колку е само битно нашето добро здравје за здравјето и безбедноста на нашите деца?! Еурека! ... или алелуја, добро ти текна Сандра. Па да! Обично во центарот на целото наше внимание и љубов го поставуваме детето. И во ред е да биде тоа предмет на најголема афекција, љубов и внимание, но не и по цена да се запоставиме себеси попатно. Ќе си речам: па не е тоа случај со мене. Се трудам да се водам од принципот: добра мајка е мајка која е добро, и си дозволувам овоземски задоволства и време за себе кое го поминувам исклучиво на настани од културен и забавен карактер, како храна за умот и душата….
Но здравјето?! - тоа е резервирано за моите деца, тоа е ексклузивитет кој им припаѓа само ним…. Спорт?! – тоа е времето кое го одвојувам за да ги однесам, земам и бодрам додека се игра фудбал, кошарка, се скија….
Нема да одам во правец на можните сценарија од ваков помалку несигурен лет со повремени турбуленции кои се препишуваат на нестабилното време, туку само ќе го отворам својот планУМ и ќе го внесам за почеток во три табели од неделниот преглед долгопланираното вежбање; во сите 7 - редовниот доручек кој наместо кафе предвидува и житарици и овошје; и во една - редовната годишна систематска контрола… да, од глава до стопала!
Што си мислиме ние? (чест на исклучоците) Дека куршум не нѐ бие?! Дека постои некаде извор од кој вечно ќе црпиме сила? Супер жени можеби сме, но не и супер луѓе!
Ако не за нас лично, за нашите деца сме должни да водиме повеќе грижа за себе. Без изговори. Има време, само треба воља. За почеток 30 минути во текот на денот се доволни. А се наоѓаат, знам. Ги имам и јас која живее далеку од баби и дедовци, со три супер активни деца. Ги имате и вие кои секојдневно жонглирате помеѓу обврските кои се однесуваат на дом, деца, работа, школо, игра, хигиена итн. итн.
Неодамна бев на ручек со една инспиративна жена, мајка и успешен шеф. Откако се враќа од работа околу 7, активно се занимава со својот син, кога доаѓа време за спиење облекува пижами со него, легнуваат заедно во кревет, му чита книга и после неговото заспивање, се пресоблекува во хеланки и “најки” и излегува на 40 минутно интензивно вежбање.
И вакви супер примери на супер жени има безброј. Не викам дека е тоа маската со кислород за сите нас, но секој треба да се потруди да ја најде својата - својот оптимален модус вивенди во кој без да одземе од грижата, љубовта и вниманието кон детето ќе додаде повеќе грижа за себеси!
За Женски Магазин пишува Александра Шаровиќ Атанасовска - facebook.com/sandrasharovic- Автор на ПланУМ и оснивач на Моментис- https://www.myplanum.com/