Со спорт се борам за женските права

Добивај вести на Viber

Многу малку жени во Македонија професионално се занимаваат со спорт, а и рекреативно, ни раскажа Дрита Ислами, успешна македонска атлетичарка која беше единствената претставничка од Македонија на Светското првенство за сениори во атлетика кое во август се одржуваше во Лондон. Таа беше дел од 2038 атлетичари од 205 земји од светот. „Јас сум Албанка и кога почнав да се занимавам со атлетика, во 2009 година можев да набројам на прсти жени Албанки кои се бават со овој спорт. Ги имаше само пет. Истото важеше и за Македонките, беа многу малку. Сега, работите значително се сменија на подобро. Мислам дека бројот ќе расте и дека жените во Македонија се повеќе се свесни колку  е значаен спортот. Јас ќе се борам за родовата еднаквост во спортот,  а и воопшто на сите полиња. Не само јас, туку сите ние“, ни рече Дрита на промоцијата на спотот „Девојки како нас“, настан кој го организираше невладината организација ТАКТ (Together Advancing Common Trust), со поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија. Дрита е дел од осумте спортистки во спотот чија цел е токму родовата рамноправност и застапеност во спортот. „Спортот за мене значи борба, а не откажување“, е пораката на Дрита во видеото. „Конкуренцијата во атлетиката сега не ми пречи, напротив, ме инспирира да одам напред, кон поголем успех“, додаде Ислами. Муабетот понатаму не одведе кон местото од каде што потекнува, скопската населба Сарај. Дрита жали за оној стариот Сарај, кој беше главно излетничко место за скопјани до крајот на осумдесетите години. „Сарај, кој некогаш беше една спортска средина, веќе не е истиот. Оние можности и тренинзи кои ги нудеше, веќе не можат да се користат. Тешко ми паѓа што не можам да тренирам на местото каде што живеам. Место таму, одам на Градскиот стадион“, ни раскажа Ислами. Нејзините почетоци, додека била во основно училиште се врзани за атлетскиот клуб „Лирија“, потоа клубот „Куманово“, а сега тренира за клубот „Работнички“. Иако вели дека во времето кога почнувала немала поддршка од средината, многу и помогнал нејзиниот татко. „Самата забележав дека сум многу брза, а тоа и татко ми секогаш ми го зборуваше. Има татковци кои, за да ги заштитат своите ќерки не им овозможуваат да го остварат својот спортски сон, а мојот татко ме поддржа да го живеам“, е дел од приказната на Дрита. „Имам настапувано на многу балкански и европски атлетски настани, но како најголем успех го сметам учеството на Олимпијдата во Рио лани. Горда сум што бев првата жена Албанка која ја претставуваше Македонија на толку голем светски спектакл“, додаде Ислами. Нејзина следна цел е да успее да учествува на Олимпијадата во Токио во 2020 година. „Мислам дека јас сум една од оние среќни жени спортистки. До сега, не сум почувствувала некој да ме дискриминира во она што го правам само затоа што сум жена. Наспроти ова, ми се пожали тренер на еден фудбалски клуб кај нас, кој рече дека наидува на многу препреки само затоа што е тренер на женски клуб. Тоа мора да се смени“, изјави Дрита. Во секоја професија, па и во нејзината, има добри и лоши моменти. Имало и за Дрита мигови на криза, кога помислувала да се откаже, но семејството секогаш ја поддржувало и ја премислувало во тоа. „За жал, атлетиката колку и да е моја голема љубов, не е единствената работа со која се занимавам. Јас студирам економија, па засега спортот е мое хоби. Во атлетиката се надградувам на друг начин, а студирам нешто сосема друго затоа што никогаш не се знае како кај нас женските спортови ќе се развиваат и што ќе биде подобро за мене да работам во иднина“, ни раскажа Ислами. Без оглед на тоа, таа им порачува на сите жени да се занимаваат со каков било спорт и да не се откажуваат без оглед на тоа што не се сметаат за посилен пол. Дрита вели дека има многу малку време за социјален живот. Во слободно време се дружи со пријателите, а за сериозна врска смета дека има сè уште време. „Млада сум, никаде не брзам“, додаде Ислами за крај. За Женски Магазин разговараше Милица Џаровска