Убава и среќна жена има соодветна шминка

Добивај вести на Viber

Марија Топалова – Професионален make up артист Професионалното шминкање прерасна во еден начин на стил на живеење во Македонија. Да се потроши солидна сума за козметика, одамна е срушено табу кај нас. Дамите се најсреќни кога квалитетно го поминуваат времето посветено за себе. Македонија гордо стои зад многу успешни make up артисти, кои своето име и работа ги изградија во бренд, препознатлив и надвор од границите на Македонија. Во чекор со светските техники на шминкање, но и присуството на светските брендови на нашиот пазар, промените се сепак видливи.   Денес зборуваме со Марија Топалова, професионален make up артист, која е дел од професионалниот тим на MAC Македонија. Насмеана и ведра, со неисцрпна енергија и љубов кон својата професија, со задоволство ни одговори на нашите прашања за Женски Магазин. Женски Магазин: Здраво Марија, се повеќе светски make up брендови присутни кај нас, кои несомнено го подигнаа стандардот и квалитетот на шминкање кај нас, и ги приближи светските модни трендови на чекор од нас. Колку Вие, како долгогодишен мејк ап артист со вашето претходно искуство во шминката, и сега како дел од еден професионален тим, гледате промени на ова поле? Марија: Стандардот на граѓаните е ист за жал, подигната е свеста за купување на квалитетна козметика. Промени има и тие се видливи. Желбата на македонската жена да ја истакне својата убавина им носи работа на професионалните шминкери, тие пак, за да ја реализираат сопствената креација и да ја задоволат клиентката, работат со квалитетни брендови. Тоа е синџир, кој со отворањето на свои претставништва во нашата земја се комплетираше. Беше грев и непотребен трошок што моравме да одиме до соседството за да си купиме добра пудра. Мислам дека на светските брендови им требаше време, но сфатија дека македонскиот пазар не е за потценување. Женски Магазин: Шминкењето е професија која бара доста посветеност, но и секојдневно надоградување кое верувам дека го применувате. Како вие се надоградувате во вашата област - шминкањето? Посета на саеми за убавина, проекти?   Марија: Како и секоја друга професија и оваа бара вложување. Физичко, финансиско…секакво. Се разбира дека вложувам, зашто ваквиот тип на создавање уметност бара постојано следење на трендовите, учење и работење на нешто ново. И тука нема компромис! За среќа моето постојано работно место ми овозможува често курсеви и тренинзи од видни мајстори на занаетот од соседството и од Европа, како и секојдневно работење со нова козметика. Но јас сум личност која секогаш сака повеќе. Во моментот се надградувам во делот на филмска и театарска шминка, учам за тајните на визажистите но се усовршувам и во дневна шминка. Го користам секое слободно време за кафе-муабет со колегите кој секогаш се однесува на дебелина на четки, нијанси на сенки и сл…може звучи досадно ама мене ми прерасна во стил на живот •. Женски Магазин: Надоградувањето во секоја професија, носи само кон подобри нешта и поголеми професионални резултати. Колку Вие како шминкер пред сѐ, сметате дека обуката и надоградувањето се доста важен фактор во полето на шминката? Марија: Кога ќе ги погледнам фотографиите од моите почетни шминки и од шминките кои сега ги работам-знам дека ниту еден денар потрошен на обука и квалитетна козметика не е залудно „фрлен“. Мора! Шминкењето е ескалатор кој не смеете да го чекате сам да ве движи, туку да се качувате со голема брзина по скалите без разлика што возат сами. Денес, како make up артист се надоградувам и ги учам современите техники на шминкање од Небојша Пешевски, според мене еден од најдобрите make up артисти во земјата. Женски Магазин: Од вашето искуство, што е она што ги издвојува светските брендови како KryolanBobbi Brown, Inglot и други, во однос на пример на секојдневните брендови како L’Oreal, MaybelineAura кои исто така нудат широка палета на производи, но по подостапна цена? Марија: Медицинските лица постојано повторуваат-во маркет, пред да го купите производот, задолжително прочитајте што содржи. Во најчести случаи така е и со козметиката. Цената ја креира составот на производот, брендот кој го создава и примената. Јас користам производи од сите производители кои ги споменавте, но секој од нив има различна намена. И секојдневната козметика е квалитетна и брендирана, и во однос на цената има разлика меѓу брендовите. Женски Магазин: Есента е овде, а по неа и зимата полека но сигурно зачекорува на прагот. Каков тип на есенска шминка или зимска, би им препорачале на нашите драги читатели? Марија: Оваа есен акцентот е на природниот изглед. Убава пудра која прилега на лицето, природни тонови на очите кои дискретно ќе го нагласат обликот, нежно руменило, убава маскара и сјај на усни. Вечерниот изглед ќе го комплетираат нагласените усни за кои го предлагам течниот мат кармин на МАС #retromatteliquid. Женски Магазин: Кои се вашите светски make up примери односно артисти, со кои утре би сакале да стапите во соработка, и на кои им се восхитувате во однос на нивната работа? Марија: Без размислување-Arabella Preston. Професорката и шминкерка на Британската принцеза Кејт Мидлтон. За мене убавината е во едноставните нешта. Кејт која прерасна во модна икона и која секогаш изгледа неверојатно убаво, крие тајна за неверојатната „кралска“ кожа која би сакала да ја дознаам. Женски Магазин: Речиси скоро сите познати личности имаат веќе и своја линија на шминка и козметика. Kim Kardashian, Kylie Jenner, Rihanna… и листата продолжува. Колку тие според вас имаат глобално влијание врз новите трендови во шминкањето? Марија: Многу големо! Но, за мене е уште поголема одговорноста која би требало да ја имаат како личности кои ги диктираат трендовите. Женски Магазин: Во однос на шминкањето, дали македонската клиентела сака да експериментира со шминката на светските новитети, или сепак останува верна на основите? Марија: Македонската жена знае што сака и тогаш кога експериментира. Ги следи трендовите и најчесто светските диви на Instagram се модните гуруа по кои се водат младите модерни девојки. Женски Магазин: На што треба да внимаваат нашите дами при нанесување на шминка? Каде се прават најголемите грешки? Марија: Апликација на туш на око, исцртување на усни и нанесување на руменило. Трите основни грешки кои редовно се повторуваат! Женски Магазин: И за крај, кој е вашиот моден совет во однос на шминката? Марија: Прво и основно-да се шминкаат! Да бидат задоволни од изгледот! Да ги следат трендовите и да практикуваат совети од професионалци! Шминката жена е убава и среќна жена! За Женски Магазин, Нина Беадер Fb strana : https://www.facebook.com/BeaderHristina/ Web Strana : https://ninabeader.wixsite.com/styleinmotion