Утринско кафе со Валентина Сотироска: За добар филм сум расположена секогаш

Добивај вести на Viber

Поради динамиката на мојата работа и секојдневните обврски денот го почнувам многу рано околу 05:30. Моето мото е со добар старт на денот, пола работа е завршена.

Со сопругот и ќерката успеваме од нога да испиеме чај пред заминување на работа и училиште, а првото утринско кафе е резервирано за моите колеги од ИВФ тимот. Тоа е можеби најрелаксираниот дел од работното време, затоа што после тоа се распределуваме според работните места по амбуланти, операциски сали и ИВФ лабораторија…следното видување е при крајот на работното време кога го планираме утрешниот план за работа.

Професијата ембриолог е можеби една од најхуманите професии со која им помагаме на паровите што немаат свое потомство да го исполнат својот сон по многу години неуспех. Тоа е мојата најголемата мотивација и поттик за уште поголеми успеси во оваа област. Најголемата радост на целиот тим е кога пациентката ќе дојде со позитивен тест на бременост, а уште повеќе кога истата ќе заврши успешно со раѓање на дете.

Како раководител на ИВФ лабораторијата имам обврска да воведувам нови, софистицирани техники на оплодување и можам нескромно да кажам дека работиме по највисоки стандарди препорачани од Европската асоцијација за хумана репродукција и ин витро фертилизација.

Од оваа година избрана сум за насловен доцент на Институтот за биологија при ПМФ, така што ќе можам да го пренесам моето досегашно апликативно и научно искуство на идните генерации студенти.

Се обидувам да бидам вистински посветена и присутна и како сопруга и како мајка. Денешниот живот е мошне динамичен, бара добра организираност на работите, но верувам дека има време, ако се сака да се најде. Мојата работа бара често отсуство од дома, вклучувајќи викенди и празници, но првиот слободен ден го посветувам на најблиските.

Денот ми завршува многу брзо, така што вечерните часови ги користиме со мојата осумгодишна ќерка за завршување на училишните обврски и подготовка за новиот работен ден.

Често сме излезени на детски роденденски прослави, како и дружби со пријателите и фамилијата.

Единствено нешто што ми смета е што немам доволно време за читање на добра книга, па тоа го оставам обично за време на годишните одмори. Но, за добар филм сум секогаш расположена било да е кино проекција и пред телевизор со голем сад пуканки и топло ќебе.

* ДоцД-р Валентина Сотироска, Шеф на ИВФ лабораторија-Приватна општа болница РЕМЕДИКА, Скопје