,

(ФОТО ИДЕЈА) Направи божиќно цвеќе

Добивај вести на Viber

Ова прекрасно цвеќе познато како божиќно, многумина го знаат и како божиќна ѕвезда. Има интересен изглед и многу често луѓето го користат за празничните декорации. Денес еден интересен обид, да се направи овој цвет со помош на креп хартија. Па затоа, потребна ви е креп хартија во три бои (жолта, црвена, зелена), жици, течно лепило, селотејп, ножици и шаблони од хартија за ливчињата.

Шаблоните за ливчињата, превиткајте ги на пола заедно со креп хартијата и исечете од пет до осум големи црвени ливчиња, од четири до пет мали. Засечете ги од страните нерамномерно, а потоа на средината ставете лепило. До лепилото ставете ја жицата и превиткајте го листот да се засуши лепилото.

Исечете парче од жолтиот креп хартија и правете мали топчиња, а потоа продолжете надолу да направите тенки гранчиња. Направете неколку, поврзете ги и залепете ги со селотејп. Потоа почнете едно по едно да ги редите малите ливчиња од околу. Откако ќе ги наредите малите почнете да ги редите големите ливчиња.

Кога ќе завршите со редењето ливчиња, со помош на лента, која може да биде и во боја, зацврстете го цветот. Потоа благо завиткајте ги на надвор големите листови.

Следен чекор е да направите зелени ливчиња. Можете да ги комбинирате со различни димензии. Исечете ги, а потоа лепете ги едно по едно околу цветот. На крајот повторно прицврстете ги со лента. Ви останува жиците да ги покриете со зелен креп. Исечете лента од зелената хартија и мотајте ја околу жиците и на крајот залепете.

Вака готовиот цвет можете да го ставите во вазна или корпа, на некое божиќно венче, или пак на елката. Искористете го во вашите празнични декорации. Ако ви се допаѓа оваа идеја, обидете се и вие.

За Женски Магазин идеите ги прави Ана Јордановска-апсолвент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер