Животна училница // Приказни
Љубовта е лекот
Овој мој став е посветен на сите дечиња. Сите деца се еднакви и заслужуваат љубов. Тие се нашата инспирација. Тие се нашиот двигател кога паѓаме. Нивните раце и сочните усни кои се лепат со бакнеж, ќе ни бидат спокојот кога ќе сме уморни или тажни. Денес секоја од нас може да направи нешто посебно за некое детенце. Не мора да биде тоа само вашето. Дајте љубов. На децата секогаш им треба.
Сите ние се раѓаме и растеме. Сите ние во текот на животните искуства, градиме дел по дел од нашата личност. Во секој од нас има парче од неговите предци. Но, во животот, кај секој од нас се вгнездува и дел од ликовите кои се дел од нашето окружување.
Додека не тргнеме во училиште, наш пример се членовите на нашето семејство. Мајките ги удираат темелите на нашата личност, преку љубов и нежност, преку грижа и вниманието. Тука се да не бакнат и да не дигнат кога ќе паднеме. Да ни ги покажат вкусовите, добрите и лошите нешта, кои не чекаат. И да, тука се и татковците. Тука се да ни ги симнат ѕвездите, да не разгалат кога мама не дава, но и да не спасат од чудовиштата кои не демнат во темницата.
Родителите се тие кои први треба да ни ги покажат вредностите, да не соочат со моралното и неморалното. Да ни покажат што треба да негуваме, а што да искорениме кај нас. Сепак, тоа не е гаранција дека во животот нема да не пресретнат погрешни избори. Понекогаш и тие се добредојдени, ако од нив ја преземаме лекцијата и се трасираме по животната патека. Ние сме луѓе и погрешно е да веруваме дека може да бидеме безгрешни.
Целта на нашето живеење, нашата поента како парчиња од мозаикот на општеството е да се подобруваме, за да придонесеме сите заедно во севкупниот квалитет на големата заедница. Заедница во која делуваат луѓе кои се свесни за својата улога може да менува и придонесува денес за подобро утре.
Никој од нас не се родил лош. Но, попатно во животот, животните искушенија влијаеле на созревање на таа личност, кон добро или лошо.
Затоа да се присетиме, љубовта е лекот. Од љубов се раѓаме. Со љубов растеме. Децата имаат потреба од љубов, па дури и кога се лоши. Љубовта ни треба, посебно кога сме тажни, лути или бесни, кога грешиме…
На децата им треба љубов. Силна, безусловна. Па и да не се совршени, наши се. Денес грешат, но и учат. Затоа да бидеме нивната поддршка. Ветерот кој ќе ги носи кон вистинската насока.
За Женски Магазин, Вики Чадиковска