Домашни и странски ѕвезди на „Самун ем татлија“ во Радовиш
Традиционалната гастрономска и музичка манифестација „Самун ем татлија“, годинава ќе се одржи од денеска до 14 октомври во Радовиш. На претходните изданија имаше повеќе од 80.000 посетители.
„Самун ем татлија 2018“ ќе стартува со почеток во 17 часот со промоција на најголемиот сомун (5 метри), најголемата татлија (2 метри), а присутните ќе имаат можност да уживаат и во кусата сторија за овие радовишки деликатеси. По ова, во 18 часот, ќе следува свеченото отворање на манифестацијата и поздравниот говор на градоначалникот Герасим Конзулов. Во склоп на музичкиот дел во рамките на првата вечер ќе настапат Кристијан Мицев, Троја бенд, Дејан Јованов, Кристина Арнаудова и легендарните Црвена јабука.
Веќе следниот ден, односно во сабота на 13 октомври точно напладне сцената ќе биде резервирана за Фолклорни ансамбли, по што ќе следува натпреварот во брзо јадење самун. Саботната вечер, пак, е резервирана за настапите на Куку леле, Бeни Шаќири, Жаре Бербер и Тропико бенд.
И последниот ден, односно програмата во неделата (14 октомври) ќе стартува со настапите на Фолклорни ансамбли, потоа сцената ќе ја преземат Распеани Радовишани, Миле Кузмановски, Александар Тарабунов и Синтезис, со кои всушност ќе биде означен и крајот на оваа тридневна гастрономска манифестација.