„Иако мојата Ан ми се откина од срцето, јас никогаш не го окривив Бог“: Јулија за стихозбирката посветена на нејзината ќерка која почина пред 40 дена

Стихозбирката „Љубов за сите“ е посветена на ликовната уметница Андријана Мациев, која почина пред 40 дена. Таа содржи 55 песни, напишани од луѓе кои ја познаваат, но и кои воопшто не се сретнале со неа, но ја почувствувале нејзината енергија. На промоцијата на стихозбирката беа претставени и ликовните дела на Мациев кои ги создаде во својот краток, но плоден работен стаж.

Познатата пејачка и водителка, Јулија, мајка на уметницата открива како се создало ова дело.

- Многу мои Фејсбук пријатели напишаа прекрасни стихови, посвети за моето девојче, за Андријана, откако одлета како Ангел на небото. Но, јас во тие моменти не бев во состојба да ги видам и да ги прочитам. Како што почнав да ги читам, решив во знак на благодарност и потсетување на мојата АН, барем до 40 дена да ги објавам стиховите што им ги напишало срцето, бидејќи Андријана остави длабока трага и кај тие што ја познаваа и што не ја познаваа лично, но можеа да ја почувствуваат како душа. Потоа ми се јави писателката и драга пријателка Гордана Такец. Ми рече дека е инспирирана од овие посвети и дека сака да издаде збирка поезија со стихови посветени на Андријана, затоа што таа чиста душа го заслужува тоа. На некој чуден начин постојано добива пораки и ја чувствува Андријана. Ми рече: „Таква љубов, сјатена кон еден човек, да инспирира да пишуваат толку луѓе за неа, е неверојатна. Тоа е толку добра душа, полна со љубов, штом толку љубов ѝ упатија од сите страни, од знајни и незнајни, од лрофесионални и непрофесионални. Таа и како уметница со толку признанија и како човек, заслужува да се направи нешто по што ќе се памети вечно.“ – вели Јулија и дополнува дека и е многу благодарна за оваа идеја и подготвеноста, нејзината издавачка куќа да издаде стихозбирка, посветена на Андријана.

- Насловот на алманахот потекнува од зборовите на Андријана „Љубов за сите“, кои таа имаше обичај да ги напише на крајот од своите пишани текстови и објави. Такво беше моето девојче, само добрина и љубов даруваше. Позади, на корицата има текст за љубовта, мал извадок од книгата која започна да ја пишува, но не ја доврши. Тоа ќе треба да го сторам сама. Има и краток текст од м-р Мирјана Массети за нејзинито творештво. Пристигнаа многу песни, но тие ќе ги објавиме во ново издание, зашто рокот ни беше краток. Застапени се 55 автори, а некои имаат и по две песни . Уште еднаш им благодарам на сите од сѐ срце. – посочува Јулија

Разговорот го завршува со зборовите: „Јас сум жена која со целото битие верува во Бог и духовните вредности.Иако поминавме тежок период со моето девојче,нас не нѐ напушти вербата во Бог.Ниту пак некогаш го окрививме Бог,за она што ни се случува.Иако мојата Ан,ми се откина од срцето,јас пак никогаш не го окривив Бог и силно верувам во Божјиот план,дека со причина ја одбра АН.

Да ја отпуштиме слободно да лета кон Царството Небеско, затоа што Таа го заслужува тоа“.

*С.А.Н.