„Женски магазин“ со првата дама во Полска: Видов третман на предвремено родени бебиња
Со врвен стил, како загрижена мајка и хумана како докторка, првата дама Елизабета
Ѓоргиевска (47) ја промовираше нашата
земја за време на официјалната посета на македонскиот претседател
Стево Пендаровски на Полска која е во тек.
Според официјалниот протокол, двојката во Варшава, беше пречекана со највисоки државни и воени почести од полскиот претседател Анджеј Дуда со сопругата , а на црвениот килим медиумите се фокусираа и на елегантниот и впечатлив стил на двете први дами. Бринетата Елизабета во волнени фустан и капут во омилената фуксија боја, дизајн на Лидија Георгиева со црни модни детали, и русокосата Агата Корнхаузер-Дуда со необичен фустан во бебешко розова боја, исто така со црни модни детали и во бел капут.
Нашата вита и харизматична прва дама, и во оваа прилика го покажа својот истенчен вкус за мода, со минималистички стил, прочистен од сите модни додавки, и според сите дрес-код норми почитувани во светот. Македонска варијанта на префинетиот француски стил на Карла Бруни-Саркози, според критичарите – најпрва дама со стил во светот.
Додека претседателот Пендаровски имаше густа агенда и средби со претседателот Дуда, средби со маршалот на Сејмот, Елжбијета Витек, со маршалот на Сенатот, Томаж Гроцки, но и со со истакнати слависти и македонисти, кои живеат и работат во Полска, проф.д-р Елизабета Ѓоргиевска, придружувана од првата дама на Полска беше во хумана мисија. Ексклузивно за „Женски магазин“ ги сподели своите впечатоци од посетите на специјалното училиште Јунис Кенеди Шрајвер и на Клиничката болница Војвотка Ана Мазовјецка во главниот град Варшава.
-Внимателните полски домаќини знаејќи дека сум
докторка (на Клиниката за детска и превентивна стоматологија и професорка на
Стоматолошкиот факултет при УКИМ во Скопје н.з.), а и на мое задоволство ми
подготвија врвна програма. Во специјалното училиште Јунис Кенеди Шрајвер (
американски филантроп, сестра на браќата Кенеди н.з. ) имав можност да видам
успешен модел на обука и развој кој
покажува дека без разлика на вештените или попреченоста секој може да има шанса
за успех и да биде активен дел од општеството доколку ја има вистинската поддршка.
Во Клиничката болница Војвотка Ана Мазовјецка, пак видов третман на предвремено родени бебиња, што ме заинтересира како докторка но и ме трогна како мајка и жена, ни изјави Ѓоргиевска од Полска.
Лејла Сабит