18 новозаболени од коронавирус: Бројот на смртни случаи достигна 29
На Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје почина едно лице од Куманово на возраст од 73 години. Во својот стан во Кавадарци е пронајдено починато лице на возраст од 44 години, кај кого постмортем е земен брис и истиот вчера потврдил присуство на вирусот. Во денешната статистика е вметнат и пациентот кој вчера почина на пат кон болницата „8 Септември“.
Во изминатите 24 часа, регистрирани се 18 нови случаи, позитивни на коронавирусот. По градови: Скопје – 7, Куманово – 2, Прилеп – 4, Битола – 2, Кавадарци -1 (починатиот), Крушево – 1 и Кочани -1. Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 617 лица.
Од Клиниката за инфективни и фебрилни состојби во Скопје денеска се испишани 5 оздравени пациенти, кои по два негативни контролни бриса, во добра општа состојба заминуваат дома. На оваа Клиника примени се 4 нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани вкупно 66 пациенти, од кои 7 пациенти се на механичка вентилација.
Во болницата „8 септември“ примени се 4 нови суспектни пациенти на коронавирус. Вкупната бројка на позитивни и суспектни на Ковид-19 во оваа болница е 26 пациенти, од кои 8 се во тешка состојба, а 3 пациенти се на респираторна машина.
Во болницата во Штип нема нови примени пациенти на болничко лекување. Во моментов се хоспитализирани 4 пациенти, од кои 1 пациент со средно –тешка клиничка слика со пневмонија и 3 стабилни.
Во болницата во Битола исто така нема прием на нови пациенти. Во моментов 4 пациенти кои се на хоспитален третман се стабилни.
Во изминатото деноноќие направени се 351 тест. Досега во земјата се направени 6.230 тестирања на Ковид-19.
Денеска нема да се одржи редовната прес-конференција, но одделението за односи со јавност е отворено за сите новинарски прашања и истите ќе бидат одговорени во најкус можен рок - извести министерот Венко Филипче.