3.000 ЕВРА ПОДДРШКА: Јубилеите на Горан Тодоровски и на Ѓорѓи Крстевски се од национален интерес за културата
За двојно музичко цеде со кое ќе прослави 25 години естрадна кариера, Министерството за култура му одобрило речиси две илјади евра (120.000 денари) на докажаниот фолк-интерпретатор Горан Тодоровски. Овој албум добил зелено светло кај комисијата која одлучувала кои проекти од областа на музичко-сценската дејност се од национален интерес за културата во 2019 година. Интересен е и моментот што Тодоровски во поднесената пријава побарал дури 10.000 евра државни пари за оваа намена.
Државата одобрила средства и за јубилејот (20 години музичка кариера)
на кантавторот Ѓорѓи Крстевски. За неговиот проект „Побарај ме“ од
Министерството за култура побарал 140.000 денари, а комисијата му одобрила
60.000 денари.
На социјалните
мрежи не стивнуваат реакциите откако Министерството за култура минатата недела го
објави списокот со проекти од национален интерес во културата за 2019 година.
Скандалозна и срамна распределба на народните пари се најчестите коментари,
откако слично како и минатата година, значително повеќе средства се одвоени за
проекти кои ја негуваат албанската уметност наспроти скромните буџети за
реномирани манифестации кои со години се светла точка во македонската култура.
На реакциите на јавноста за резултатите од Годишните конкурси од Берлин каде што е на службено патување, реагираше и министерот за култура, Асаф Адеми.
Асаф Адеми, министер за култура- Би сакал да ја информирам јавноста дека сите одлуки за одбиени апликации ќе бидат поништени и повторно разгледани и доколку се утврдат недоследности, листата на поддржани проекти ќе биде дополнета. Со цел поголема транспарентност на целиот процес ќе бидат поканети и претставниците на медиумите - рече, меѓу другото, Адеми.
Премиерот Зоран Заев, пак, побара поништивање на сите одлуки, освен на конкурсите со кои се опфатени националните установи, јави „Телма“ синоќа. Во текот на денешниот ден Владата треба да го објави конечниот став за спорните Годишни конкурси на Министерството за култура.
Ѓ.С.