Таксират не (с)најде

Добивај вести на Viber

Не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи откако Министерството за култура го објави списокот со проекти од национален интерес во културата за 2019 година. Скандалозна и срамна распределба на народните пари се најчестите коментари, откако слично како и минатата година, значително повеќе средства се одвоени за проекти кои ја негуваат албанската уметност наспроти скромните буџети за реномирани манифестации кои со години се светла точка во македонската култура.

И оваа година најмногу прашина се крена за парите распределени во областа на музичката и на музичко-сценската дејност. Комисијата чиј претседател е Плеурат Гаши, проценила дека традиционалните фестивали „Скопски џез фестивал“ и „ОФФест“ овојпат не се од национален интерес за културата. Колку за споредба, за истите фестивали минатата година беа одобрени над 100.000 евра. Затоа, пак, комисијата за „Џез-фест Тетово“ одобрила 1,5 милиони денари.  

- Ќе бараме преиспитување на одлуката на министерот и изземање на комисијата за музичко-сценска дејност. Според нашите сознанија, комисијата работела неправилно, незаконски и со нееднаков третман на нашите апликации во однос на другите. За ова благовремено, по писмен пат, му укажавме на министерот за култура, во текот на постапката на одлучување по конкурсот - стои, меѓу другото, во реакцијата на „Скопски џез фестивал“.

Јавноста реагира и на скромниот буџет (500.000 денари) одобрен за „Таксират“ кој во повеќе наврати беше номиниран и меѓу најдобрите фестивали во Европа. Овој фестивал, според комисијата, е помалку релевантен од фестивалот „Меридианс“, на пример, за кој на здружението „Артал“ во Тетово ќе му бидат исплатени 2,5 милиони денари. Во овој сегмент, интересен е моментот што годинава и фестивалот „Охрид фест-Охридски трубадури“ ќе добие повеќе пари од „Таксират“, вкупно 700.000 денари.

Годинава нема финансиска помош од државата ниту за проектите на „Авалон продукција“ на која лани за проектот „25 години Авалон продукција“ ѝ беа одобрени речиси 100.000 евра (6 милиони денари). За Министерството за култура повеќе не се од национален интерес ниту фестивалите „Макфест“, „Фолк фест Валандово“ и „Златно славејче“, наспроти неколкуте фестивали на кои се промовира албанската песна за кои се одобрени солидни финансии.

Меѓу останатите на кои им е одобрена финансиска поддршка се и Ѓорѓи Крстевски (60.000 денари) за неговиот јубилеј - 20 години музичка кариера, „Прагма мјузик ентертејмент“ (1,5 милиони денари) за Балет на мраз и за концертот на Дејвид Гарет, „ПМГ Рекорингс (100.000 денари) за истоимениот фестивал, а 100.000 денари се одобрени и за детскиот фестивал „Јаболчиња“.

Ѓ.С.