52-влезете слободно, не се собувајте
Утре полнам 52 години. Малку или многу тие се, мои се и ниту ги давам (сега некој од 30-тина си вели “се потепавме па да ти ги земеме”), ниту пак сум ги земала некому. Уште од старт да расчистиме една работа. Оставете го муабетот дека 52 се новите 42, оти 42 се новите 32 и ако одиме наназад ќе излезе оти уште не сум родена. Нејсе, ко ќе речат оти годините се само бројка да знаете дека ве лажат. Не се бројка, ами збир на погрешни и исправни одлуки, искуства кои биле горчливи како пелин и благи како мед, куп пролеани солзи и едно чудо кикотења, дефиле на саглам луѓе низ животот кои донеле радост и (за среќа малкумина) кои донеле тага, растење, одраснување, издраскани колена од падови и високо крената глава од успеси. Тоа се години во кои не само што знаете што сакате, туку и што не сакате, што сте спремни да искрепите оти не се крепи баш се’ што ви се гледа примамливо за око. 52 ми се години на тешко заработен спокој, креативност која повеќе не ме боли, истенчен вкус за филмови, книги, музика, луѓе и како (па и за кого) го трошам слободното време. Тоа се години кога си ни ваму ни таму, умот ти е 200 на час, ама колената и зглобовите болат, спондилозата вие на промена на времето, климаксот се распашал ко да си е дома, а трагите од перницата на лице подолго стојат втиснати на кожата. Од друга страна, толку добро си ги познавате телото и психата што точно знаете што ќе ви направи карамбол, а што ќе ве смири (не, не мислам на голтање апчиња за да сте зен).
Ништо не е исто после 50-тата. Не велам дека е полошо, само дека не е исто. Приоритетите се менуваат, начинот на кој гледате на работите е сосем поинаков. Имате опции како ќе ги прифатите работите кои ви се случуваат а не ги сакате, заедно со оние кои ги посакувате ама не ви се случуваат. Полесно се помирувам со неуспесите, не си ја чукам главата казнувајќи се за грешките кои ги правам. Впрочем, некогаш најмногу учам токму тогаш кога грешам. Камшикувањето себе го оставив во минатото, сега си ја ценам кожата во која ми е сосем удобно и некако си велам дека се’ е онака како што треба да биде. Свесна сум дека стареам, ич не се самозалажувам дека сум иста како порано (иако ми прави ќеф кога ќерка ќе ми каже дека изгледам добро). Чинам дека колку поскоро секој од нас ќе научи да си е комотен во сопственото тело и да си се сака себеси, толку побрзо ќе дојде до формулата што е вистинска среќа. Е да, фино ќе беше гравитацијата да не си го правеше своето, да имав барем 5 килограми помалку, да не се фарбав на 2 недели (уште сум во преговори со суетава за да престанам со фарбање и да шетам сиво-бела), но здрава и права сум, па некако не аздисувам со преголеми желби.
Пред некој ден моиве ми кажуваат една анегдота. Шетајќи низ Охрид биле сведоци на една случка каде што млад (и нервозен) дечко му се развикал на повозрасен уличен продавач (кој му се нашол на патот) да се тргне, со зборовите “стариште едно, мавни се оттука”. Човекот ја наведнал главата и тивко си промрморил “да не остариш”. Мајка ми ја фатило жал и му рекла на татко ми: Леле Лазо, греота човекот. Види како дечкото безобразно го навреди, а овој му посака да не остари за да не му одбрусат и нему еден ден дека е стар. Татко ми ја погледнал чудно: Виолета, знаеш ли што му врати? Му рече да не остари, знаеш што значи тоа? На крај се разбрале дека “младичот” си го добил по нос тоа што го сервирал како навреда, се нашол некој поербап од него.
Годините се привилегија која не секој ја има. За жал нема ред во таа работа и си заминуваат луѓе кои со сета своја младост и сила само што зачекориле во животот. Затоа, да си ја цените секоја година која ќе ви донесе уште една свеќичка на тортата иако некогаш ќе ви се чини дека нема толку голема торта која ќе ги збере сите.
Се’ уште учам. И верувам дека човек е млад до моментот додека има желба да учи, да осознава и да спознава, без оглед дали е побелен во главата или има брчки кои му се длабоко всадени. Тоа е она чувство на восхит кога ќе видите некој на 80 како го има жарот во очите и како му светат од енергијата која му го движи умот. Тоа е и она чувство на тескоба кога ќе видите некој на 30-40 како е клапнат и само купува ден за ден, колку да мине животот. И ако треба да повлечам една линија и да ви кажам што знам (барем засега), би било срочено вака:
Секој ден е дар од Универзумот или Бог (кој како милува) и грев е да не се искористи.
Да не дозволите да си го арчите животот во битки со ветерници, оти не можете да смените било кого (колку и да се обидувате). Но, можете да се менувате себеси, а ако веќе тоа го правите гледајте да е по ваш терк.
Не се плашете од љубов, плашете се од луѓе кои имаат уплав од неа. Тие не знаат да сакаат и се’ ставаат на кантар.
Барајте реципроцитет само кога е почитта во прашање, оти за се’ останато ќе бидете во зијан ако сте цело време со калкулатор во главата.
Раатот навистина нема цена, а и сонот. Што и да правите, ако немате мирен сон ќе немате ниту раат.
Колку повеќе давате љубов, толку ќе сте посреќни. Под љубов не подразбирам само љубов меѓу партнери, туку онаа човечката која секому е потребна.
Зборот знае да лечи, знае и да пресечи. Како велат “јазикот коски нема, ама коски крши”. Пазете на луѓето, има многу кои се со стаклена душа.
Не судете никому. Помогнете ако можете, а ако не можете барем не отежнувајте. Во очајни ситуации малку треба за да не’ однесе “матната”.
Да не се тревожете ако некој прави невкусни шеги за вашите години, тежина, како се облекувате, како размислувате или какви одлуки носите. Туѓиот простотилак не е ваш товар, туку на тој што го носи во себе.
Имате право да сте среќни, да не давате никому да ви го одземе тоа право. Чаршијата нека зборува што сака, вам да ви чади оџакот право.
Дозволете си да излезете од рамките кои сами сте си ги наметнале. Има само две рамки во животот, раѓањето и смртта. Се’ останато е избор.
Бидете нежни кон себе и свесни колку вредите. Тие околу вас секогаш ќе ве третираат онака како што вие се третирате сами себе, дали со почит или со отсуство на истото, до вас е.
Пазете си го здравјето и не дозволувајте да дојдете во ситуација да се каете што сте биле невнимателни кон себе. Парата не купува здравје, а среќа па ич.
Носете си ги годините достоинствено и со љубов. Тие не ве дефинираат како личност, но биле потребни за да си ја дефинирате личноста која ве краси.
Постела и трпеза не се дели со било кој, дури ни по цена да спиете сами или да имате само еден прибор за јадење на маса.
Се’ минува...и арно и лошо, за повторно да дојде пак...и арното и лошото. Мудроста е да научи човек кога да аздисува, а кога да гувее.
Не должите никому објаснување за тоа како си го терате животот. Ваш е и вие сте капетан на тој брод, а кормилото е во рацете на капетанот.
И пак ќе ви кажам. Уште учам, оти се’ уште грешам. Ама среќна сум што имам можност и шанса да пробам да исправам она што сум утнала и да уживам во она што сум го направила како што треба.
Драги мои 52, влезете слободно и не се собувајте. Живели!
Да сте ми тука, ви подарувам нова песна.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Годините не се дадени за броење
Оти некојпат една
Како век знае да тежи
Годините не се дадени за изговори
Од кои привиден спокој демне
И срцето со јалова надеж го полни
Годините не се дадени за плитки решенија
Како од ракав истресени
Бесполезни и секогаш празни
Годините не се дадени за потсмев
Оти секојпат некој има
Кој не дочекува да ги слави
Годините не се дадени за бело знаме кревање
И пораз од себе за себе
Кој умот го притиска како тег
Годините...
Годините се за живеење дадени
Човек во нив да ужива како во залак
Од кој вода на уста иди
Да се нурне во нив
Како во чаша добро вино
Од чија арома телото се намовнува
Тие се дар кој се чува со акал
Сопки за паѓање удолу и учење
Крила за кревање угоре и песна
За љубови од кои душата пее
И за онакви од кои крвари
Годините се дадени за да се слават
Оти секоја носи ново видело
И од секоја нов пат излегува
Та твое е по кој ќе кинисаш
И дали ќе знаеш вистинскиот да го одбереш
На тебе е дали со нив пријател ќе бидиш
Или како од камшици
Лузни од нив ќе носиш
Годините се благослов и клетва
Од кои се радуваш и страдаш
Ама твои се
И никој да не даваш да ти ги крати
Ниту со нечовечност
Ниту со нељубов
Ниту со омраза
Ниту со завист
Оти ниту една не се враќа назад
И засекогаш изгубена ќе биде
Та мудар човек да научи да е
И во секоја една убост да најде
За кандилото да не му згасне
И пилето да не престане да му пее
За љубовта
За животот...за живот полн љубов