80 години слободно Скопје, 80 години „Градот убав“: Разурнат, уништен, разубавен – Факти за песната која стана химна на Скопје
Денес градот Скопје ја слави слободата. 80 години скопјани живеат во слободен град.
13 ноември, ден запишан е во историјата како денот на Ослободување на Скопје. Битката за Ослободување на Скопје е опишана како многу сложена операција, бидејќи за да била успешна од голема важност биле успесите на бригадите во битките од другите градови со крајна цел да се поврзат со 50-та дивизија која била во реонот на Штип со 42-та дивизија на Сува Гора, за да можат заедно да нападнат во Скопје.
Скопје низ годините е отпеано во многу песни „Скопје граду мој“, „Зборувај ми за Скопје“, „Спиј Скопје спиј“, „Скопје младост моја“, „Рапсодија за Скопје“ и уште многу други.
Една песна која е останата во меморијата на многу генерации, но и многу генерации растеа со неа и така спонтано се наметна како химна на Скопје, е „Песна за Скопје“ или попозната како „Градот убав“.
Текстот на песната е на македонскиот поет, раскажувач, романописец и драмски писател, Бошко Смаќоски, додека музиката е на маестро Александар Џамбазов, а отпеана од хорот на Златното славејче.
Маестро Џамбазов беше автор на голем број детски песни. Тој беше иницијатор и долгогодишен диригент на фестивалот за деца „Златно славејче“.
„Градот убав“ песна со која се отвора секое ново издание на „Златното славејче“, фестивал кој е основан во 1970 година.
Градот убав пак ќе никне, среде песни в дружен фат,
пак ко сонце цел ќе бликне, како топол нежен кат.
Скопје младост ти ќе бидеш, Скопје ти ќе бидеш цвет,
и ќе бидеш израз свиден, на сè братско в овој свет.
Покрај Вардар ќе се крене, ќе го буди детски вик,
и ќе брои ново време, радост ќе му краси лик.
Скопје младост ти ќе бидеш, Скопје ти ќе бидеш цвет,
и ќе бидеш израз свиден на сè братско в овој свет.