Ако би бирал меѓу салата и бурек, салата секогаш победува: Приказната на Бранко Попоски од „Готвиме со Бранко“

Добивај вести на Viber

Иако е познат по неговите кулинарски специјалитети, Бранко Попоски за себеси вели дека е едно обично момче од Вевчани, кој готви од љубов и со љубов. Познати се неговите страници на социјалните мрежи Cooking with Branko (Готвиме со Бранко), каде што е инспирација на многумина за брз и вкусно проготвен оброк. Бранко е инаку акаунт директор во маркетинг и пр агенцијата Идеа Лаб, и покрај работните обврски, 2 часа во денот задолжително издвојува да зготви убав оброк. Бранко вели дека сите треба да бидеме гурмани, а за Женски магазин го раскажува целиот негов пат, од Вевчани до Скопје, преку неговото омилемо место- кујната.

* Од кога почна твојата љубов кон готвењето, и кога за првпат подготви сериозен оброк?

- Колку е убаво кога секоја реченица ќе ја започнеме со зборот љубов. Готвењето е моја пасија, страст и љубов. Не сум пропуштал ниту еден оброк а да не замешам прсти. Мајка ми е мојот учител за умешноста во кујна. Нејзините кифли, пити и чорби се поим за убаво и вкусно. Нејзината љубов кон готвењето ја наследив и јас. И денес ја негувам преку кулинарските дела на Cooking with Branko. Cooking with Branko е производ на многу љубов, труд и желба за успех. Секогаш ме учеле дека што и да правам во животот треба да го правам со љубов. Така и постапувам. Дури и наједноставната салата кога ќе и додадеш зачин "љубов" е повкусна. 

Кога е во прашање првиот "сериозен оброк" да бидам искрен не се сеќавам ама сигурен сум дека била некоја вкусна паста со бел или црвен сос. Затоа што е мое омилено јадење дефинитивно. 

* За оние кои не знаат, кој е Бранко, од каде е, и те молам раскажи ми нешто за својата „редовна“ работа во маркетинг секторот.

- Бранко е лик кој за себе би кажал дека никогаш не може да мирува и дека постојано размислува и креира планови. 

Комуникативна личност, човек кој што сака да открива нови работи. Секојдневието ми е исполнето со љубов, креативност, готвење, работа и семејство. Љубовта е таа која ме одржува и ме прави да бидам посилен пред сите препреки. Учам од грешките. Можеби побавно, но секогаш знам да кажам "извини" за нешта за кои што сум направил грешка. Многу сум брз и сакам носење на одлуки веднаш. Чекањето за мене претставува век. Мразам кога луѓето се неискрени и дволични. 

Вевчани е мое родно место. Мој дом. Душата ми е полна со Вевчани. Го сакам секое ќоше и секој камен. Секој дел од Вевчани е посебна приказна за љубов. Кој го посетил знае за што зборувам. Сонцето, воздухот и планините таму пеат друга песна. 

Повеќе од 8 години сум во Скопје. Скопје ме научи на многу работи. Да бидам силен и кога не сум, да бидам тажен и кога не сакам и да љубам кога најмногу е потребно. За мене Скопје е градот на љубовта, животот и утринските свирежи на автомобилите. 

Моментално работам како Акаунт Директор во маркетинг и пр агенцијата Идеа Лаб и сум многу горд на мојата работа и на сите досегашни проекти и достигнувања. Го сакам маркетингот и тука е мојата иднина. Креативноста и комуникацијата се работите кои ги сакам најмногу. 

Мотото кое ме води во животот и од кое учам многу е "Ти си доволен за победа". 

Па рекол дека "ЈАС сум доволен за победа" .

* Како научи да готвиш и можеш ли да речеш дека имаш своја специјалност во готвењето? 

- Јас сум самоука личност. Потекнувам од гурманска фамилија која сака да готви. Татко ми е угостител и секогаш прв во подготовка на скара, сервирање на маса и врвно печено месо. Мајка ми пак има толку голема љубов за месење на пити, кифли што не можеш а да не одолееш на нејзината работа. Така и јас, од гледање и слушање сум научил доста работи поврзани со кулинарство. 

Специјалност ми е пастата. Италијанската кујна е мојата омилена. Посебно пастата. Откривам, имагинирам со вкусови. Пастата ја има таа моќ да дозволи милион и еден вкус. 

* Паметиш ли некоја забавна анегдота, ситиација кога на пример не ти успеало приготвување на оброк? 

- Секоја кулинарска приказна мора да изобилува со смеа и задоволство. Таков е и мојот нов проект Food Mood by Cooking with Branko. Низ смеа, игра, љубов и песна до вкусови кои остануваат и се паметат. Храната го заслужува вниманието и моментот. Храната е таа која не спојува, не прави среќни и ни ја дава убавината на целиот свет и тоа низ само еден залак. 

Смешни анегдоти? Па би рекол многу. 

Не можам да го заборавам моментот кога подготвував торта со сестра ми и кога наместо печено и нараснато тесто за филување ние добивме чорба. Тоа беше смеа на која знаеме да се навратиме и денес. 

Убави се моментите од кујна. 

* Колку време дневно му посветуваш на готвењето, колку си ти лично гурман?

- 2 часа се доволни за вкусен, креативен и декориран оброк. Во работните денови подготовката на оброците е секогаш после работа. Често знам да подготвам оброк и за наредниот ден. Сакам кога јадам храна подготвена од дома. Не сум љубител на брза храна и утрински пецива. Доколку би бирал меѓу салата и бурек, салата секогаш победува. 

Сакам кога јадам и уживам во секое јадење. Секогаш треба да се посветуваме на секој залак. Затоа што крие вкусови, различни моменти, сеќавања и нови светови. Храната е љубовта, животот и убавината. Секој треба да биде гурман. 

* Мислиш ли дека кај младите полека изумираат традиционалните јадења и се насочуваат кон модерните? 

- Сметам дека колку и да е некој нов специјалитет модерен, актуелен и баран, сепак традиционалното си е традиционално. Не се сложувам дека младите забораваат на старите добри рецепти. Секогаш вреди да се проба нешто ново и да се експериментира со вкусови, но задоволството кое што го имаме сукајки го зелникот на баба или готвејќи го качамакот на мама е бесценето.

* Твој предлог за лесен и едноставен рецепт?

- 5 минути се доволни за да се добие оброк полн со протеини и хранливи материи.

Потребни состојки:

3 јајца

1 филџан јогурт 2% масленост

3 лажици овесно брашно

1 лажичка мелени ореви

1 лажичка мелени бадеми

1 лажичка мелени лешници

Беби спанаќ

1 филџан индиски орев

Малсиново масло

Хималајска сол 

Неколку парчиња моцарела 

Начин на подготовка

Во длабок сад изматете 3 јајца. Додадете јогурт и продолжете да матите. Додадете ги овесното брашно, оревите, бадемите и лешниците во јајцата. Промешајте убаво. На страна, загрејте го тавчето, растопете путер и истурете ја смесата од јајцата и мелените јатки и овесот. Поклопете со капак, и гответе се додека не се направи како палачинка. Во блендер додадете го спанаќот, индиските ореви, маслиновото масло и зачин по желба. Блендирајте додела не добиете хомогена смеса. 

Моцарелата на тенки листови поставетеја над смесата од јајцата и јатките и преклопете ја половината. 

Врз готовата палачинка истурете ја смесата од спанаќ и индиски орев. Зачинете по ваш вкус!

Милица Џаровска

Фото: Приватна архива