Ако не ѝ дадев песна на Данијела, ќе немав ручек дома три месеци: Грашо растури во Филхармонија
Неколкупати нагласи дека не сака да биде патетичен, не сака да се умилкува, но не заборави да повтори дека е среќен што е во Скопје. Повеќе од јасно беше дека е искрен. Петар Грашо, на првиот од трите концерти во Филхармонија кои ги организира „Авалон“, вечерва растури.
„Скопје е еден од четирите места во Европа во кое ми е волку убаво. Вашата енергија, храната, доброто вино. Ви благодарм драги пријатели“, рече сплитскиот кантавтор. Неговиот мега-хит „Ако те питају“ веќе има преку 47 милиони прегледи на јутјуб, но на Грашо како да не му се битни милионите. Акустиката на салата, интимната атмосфера за која како што рече „како да сум во една голема соба со вас“ , публиката која веќе во првиот дел од концертот беше на нозе, светлата на телефоните му значат многу повеќе.
Му значи и неговата партнерка Данијела Мартиновиќ, за која со љубов ја испеа нејзината песна, „Нека ми не сване“, четвртопласирана на „Евросонг“ во 1998 година.
„Ја напишав оваа песна за мене. Таа кога ја слушна, ми рече: Не, не, ова е моја песна. Јас реков: Не, моја е, но знаев дека ќе ѝ попуштам. Ако не ѝ ја дадев песната, ќе немаше ручек дома три месеци“, откри Грашо кој инаку ретко зборува за приватниот живот. Благодарен за тоа што кога има само 16 години, големиот Оливер Драговеиќ испеал негова авторска песна, Грашо му посвери дел од концертот на својот покоен пријател. „Кога имавме концерти во Скопје заедно, тој сакаше да доаѓа два дена порано, убаво да се „подготви“, реле Грашо мислејќи на боемскиот карактер на Оливер. „Со него, се „подготвував“ и јас. Низ мали кафеанчиња, со добра храна, со добра пијачка и одлични музичари“, е дел од сеќавањето на Грашо за Оливер.
Топлината во рапавиот глас, но и умешноста да се снајде како оперски пејач која ни ја покажа на крај во „Ко нам брани“, мирисот на Далмација во секој негов стих, бендот во кој тој има двојна улога се мал дел од причините поради кои овој концерт ќе се прерскажува.
„Не се ни сомневав дека сте најдобри“, рече по бисот Петар. Нема сомнеж дека и другите два концерти, утре и задутре во Филхармонија ќе бидат волку убави. Едноставен е одговорот зошто. Ги прави најдобриот.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски