Ако некогаш умрам, нека наречат улица по мене: Тарик Филиповиќ маестрален во монодрамата „Ќиро“

Добивај вести на Viber

Маестрален во имитацијата, духовит и забавен за смеење до солзи е Тарик Филиповиќ во монодрамата „Ќиро“, која вечерва ја имаше својата скопска премиера во МНТ. 

Босанскиот актер кој живее во Хрватска, авторската претстава му ја посвети на легендариот тренер, неговиот земјак, Мирослав Ќиро Блажевиќ. Во монодрамата, Филиповиќ во кожата на Блажевиќ потсетува на фактите, неговите големи светски фудбалски успеси, низ урнебесно смешни монолози со оригиналниот говор на Ќиро. 

Приказната почнува на местото каде што тренерот го поминал речиси целиот свој живот, на клупа, но не фудбалска, тукиу пензионерска, во парк. 

Како Ќиро бил фраер па им се продал на швајцарците за добри пари во ФК „Лозана-Спорт“, како играл тенис со Туѓман, како на Просинечки му помогнал да стане европски успешен фудбалер, што се случило со него и со Тереза Кесовија една вечер во Приштина се само дел од анегдотите на Ќиро, и сето тоа преку мангуплукот кој го научил во чаршијата на неговиот Травник. Совршено имитирајќи го дијалектот на Ќиро, симпатичната говорна мана, „шупкањето“, и неизбежното „Сине мој“ ја освоија скопската публика, а Тарик заслужено доби два биса. 

„Ако некогаш се случи да умрам, ако евентуално се случи тоа, нека наречат една улица по мене. Таму нека има многу клупи на кои младите ќе се „фаќаат“ а пензионерите ќе играат шах“, беа дел од одјавните зборови на главниот јунак. 

Тарик веќе го играше “Ќиро“ во Битола. Во петок, на 26 октомври е во Струмица, а турнејата завршува на 27 во Штип, во Домот на културата, а е во организација на „КМ“ продукција. 

М.Џаровска