Ако Владо може да има десет девојки, можеш и ти: Романтичен славенички концерт на Јаневски
Рецепт за успешен концерт е секоја испеана песна да е хит. А хит до хит има Владо Јаневски, кој сношти, со концертот во ВИП Арената прослави 25 години кариера, а го организираше „Прагма“ продукција.
Како што претходно вети, концертот беше повеќе музика, а помалку муабет, но сѐ што кажа беше дел од една интересна приказна за публиката. „Да ви признаам нешто. Љубев површни, љубев погрешни, но не жалам“, рече надоврзувајќи се на песната „Еден бакнеж“. Владо раскажа и една семејна случка.
„Моите внуци знаат дека вујко им е тапа за интернет. И секогаш, за сѐ што зборуваат за мене на Твитер или на други социјални мрежи, тие ми пренесуваат. Имаше тука интересни муабети, но најдобар беше оној кога еден дечко бара совет како да си фати девојка и му одговараат: Кога Владо Јаневски, кој е геј може да има десет девојки, можеш и ти“, рече низ насмевка Владо најавувајќи ја песната „Десет девојки“.
Канатвторот кој ги освои срцата на сите генерации со романтичниот настан, никогаш не сме го виделе порасположен, понасмеан, поразигран и поподготвен. Вредеше чекањето на фановите на Владо цели четири години, тој повторно да запее во истата сала.
На „Црно тиквешко“ како што и песната вели, се запалија запалки, на „Некогаш и негде“ фановите го надвикаа со вресоци, „Не заборавај, да се сетиш на мене“ беше совршена за крај, за на бис. Секоја песна беше филм за себе.
„Кој ќе се жени и кој ќе се мажи оваа година? Еве ја свадбарската песна, онаа со која се отвараат свадбите. Рачунајте дека однапред сум ви ја испеал на сите“, рече Владо најавувајќи ја „Од овој ден“. Претходно, тој изјави дека ги одбил сите покани да настапи на свадба со оваа песна.
Еден мал дел од убавата вечер беше и новата песна, „Отако си негова“, која е стара неполн месец, а веќе, според тоа колку публиката со мерак ја пееше, има добри шанси да стане евергрин како и претходните.
Милица Џаровска
Фото: Вангел Тануровски