Алачки прозборе за својот најголем страв и раскажа како успева секогаш да остане смирена

Адријана Алачки го има прошетано целиот свет, како дел од нејзината истражувачка мисија- да ја запознае секоја традиционална култура и секоја традиционална кујна. Авторката на емисијата „Вкусот на традицијата“ и претседател на здружението „Гастромак“ ги спои двата свои ангжамани за да патува низ народот насекаде и да осознава за нивните традиции.

Алачки ќе биде гостинка во новата епизода на Еден на Еден со Жаре и меѓудругото ќе раскаже и за дел од овие патувања.

Една од нејзините приказни е како ги запознала домородците во Бразил, кои најголелите слатки специјалитети ги прават од скапана банана. Потоа, ќе раскаже и родното место на Аборџините, и за моментот кога забележала колку нивниот ритам е сличен со нашиот, но и кујната.

Алачки прозборе и за својот најголем страв, а тоа е стравот од летање, иако во 2019 година, имала вкупно 39 лета. Овој страв, Адријана го надминува со јога и со медитација.

- „Мислам дека нема човек којшто не се плаши од летање барем малку. А стравот од летање е мојот единствен страв. За мене велат дека сум најсмирениот човек на светот, а во тоа ми помагаат токму јогата и медитацијата“, изјави Адријана за Женски магазин.

- „Почнав да учам јога пред 26 години, од Лидија и од Стефан, во првата школа за јога во Македонија. Многумина кај нас не се запознаени и не се едуцирани, ја поврзуваат јогата со религија, со вера, со паганство. Убаво е кога вежбаш интегрална јога, тогаш го имаш тој благодет преку команда на телото да го контролираш и умот и го раздвижуваш и во најмалите делови. Со активирање на вежбите го воведуваш во склад целиот нервен систем, тука си има техники за дишење, за концентрација. Ова ми помогна и кога пеев на фестивали, на поголема сцена, како за еден млад пејач кој  имал трема, корисно е за секој сценски работник“, ни раскажа Адријана. 

Навраќајќи се на долгите авионски летови, оние од 16-17 часа на пример, таа додава дека додека патува со авион никогаш не спие.

- „Со помош на техниките на медитација, еден долг лет мене ми поминува како за час и само на тој начн го надминувам стравот“, ни откри Адријана.

Таа вели дека токму долгогодишното искустсво со овие техники ѝ помагаат да остане толку смирена, да не им замерува на луѓето, на не се кара со никого, туку само да продолжи понатаму со животот, што и да се случи. 

Адријана претходно ни најави дека подготвува и втор дел од македонскиот традиционален готвач, а во емисијата ќе раскаже и како ги збирала рецептите за првиот, одејќи низ македонските села. 

- „Сум била низ сите села низ Македонија. Некаде сум одела каде што ни возило не оди, само коњ и магаре буквално. И на мене ми беше кеиф и на нив. Кога ќе ги видам тие очи искрени, тие раце измачени од работа, на поле, на нива, ви го отвараат домот и сè што е на шпоретот на дрва, ви го ставаат на трпезата пред вас и ви викаат: Јади синко. Тоа нема цена“, открила Адријана. 

М.Џаровска

фото: Фејсбук