Александар Ристовски- Принц: Фаталните жени ме инсприраат

Фатални жени или „Femme Fatale“ e новиот проект на познатиот музичар Александар Ристовски-Принц, кој ќе биде промовиран вечерва во летниот диско клуб „Епицентар“ во скопскиот Градски парк од 21 часот.

Принц и неговите соработници, музичарите Џоле Максимовски и Дино Милосављевиќ избраа пет уникатни жени: Сара Мејс, Илина Лазаревска, Светлана Јовановска, Тања Тас и Калина Велковска за да го прослават јубилејот, 25 години откако свират заедно. Интресно е што во бендот на својот татко, на клавијатури ќе биде и ќерката на Принц, Стефанија Ристовска, која има 14  години. 

„ Тројца мажи сме, и баравме интересен начин како да го прославиме јубилејот. Се решивме за овие пет жени кои малку ќе не освежат. Женските артисти секогаш ме инспирирале, тие се покреативни и повеќе музика може да се напише за нив“, ни изјави Принц кој најавува интересна програма за утревечер. 

„Секоја од овие дами има снимено по две песни, вкупно се десет, но ова нема да биде класичен фестивалски настап, нема да се менуваат една по една туку ќе има моменти кога ќе бидат заедно на сцената“, додава Ристовски. Тој е особено возбуден што неговата ќерка Стефанија ќе биде дел од бендот.

„ Таа свири клавир, гитара, бас, во бендот ќе свири клавијатури. Сега е време кога Стефанија малку треба да се фрли во оган“ , вели Принц за ќерката која од септември ќе тргне во средно училиште. Тој и сопругата, модната дизајнерка Розе Трајческа го имаат и синот Јаков. 

„Ние ќе груваме, а целата хармонија, ја ставив врз нејзин грб. Ја ставив да биде на сцена со луѓе од самиот врв на инструменталниот и вокален свет, на првиот нејзин целовечерен концерт. Јас имам повеќе трема од неа, таа е кул“, додаде музичарот за ќерката.

Стефанија, ќерката на Принц ќе свири клавијатури во бендот 

Проектот „Femme Fatale“, раскажува Принц, ќе продолжи со уште 12 концерти низ Македонија, од септември. Цената на билетите е 300 денари. Влезот за деца до 15 години е бесплатен. 

М.Џаровска 

Фото: Дарко Мораитов, приватна архива