Ана Бунтеска го поддржа маршот на БОРКА и AVON

Добивај вести на Viber

Во недела, на 7-ми октомври, во Градскиот парк во Скопје кај Школка традиционално 10-та година по ред ќе се одржи настанот „Напред розово“, со кој воедно се одбележува 10-иот јубилеј на оваа национална кампања за подигање на свесноста за ракот на дојка, во организација на Здружението за борба против рак ”БОРКА – за секој нов ден” и амбасадата на САД во Македонија, а оваа година во партнерството со компанијата AVON.

На кампањата и маршот се придружи и поетесата Ана Бунтеска со своја поддршка, која посвети една од своите песни на жените од Борка.

„..има жени
кои магија во очите носат
и со нив ти зборуваат, приказни раскажуваат
дури и тогаш кога тишината е најгуста
има жени
раскошни и сладострастни
чии тела мамат воздишки и болни ерекции
за кои вреди и војни да се водат
има жени
кои можат светот да го обликуваат
со усни од кои тече мед
и раце кои топат олово
има жени
полулуди уметници
во паралелен универзум кои живеат
несвесни и ранливи во овој, земски свет
има жени
мајки
сестри
љубовници
сопруги
пријателки
осамени
со страотен пмс
пресметани
наивни
цинични и дрски
секакви не’ има
и...
има жени
ете тие се најретки
жени со две срца
едното во градите им чука
а другото на мегдан го носат
на челата
на усните
и во очите
во стисокот на дланките
во воздишките
кои несебично срцата ги раздаваат
сета љубов во нив што се збрала
која ако им остане, сигурно ќе ги убие
ете тие жени
тие жени се раѓаат и умираат од љубов
живеат за неа
се хранат и дишат од неа
тие прекрасни, прекрасни
несреќни жени
жени со две срца"

Статистиката вели дека над 1200 жени во Македонија се дијагностицирани со рак на дојка на годишно ниво. Благодарејќи на современиот третман и раната детекција, сè повеќе жени целосно заздравуваат од болеста и се доказ дека, со овој предизвик можеме да се справиме со заеднички сили и поддршка.

Со лансирањето на кампањата „Допирај се розово, AVON има чест да ја објави донацијата во вредност од 15.000 долари за поддршка на активностите на Борка во доменот на борба против ракот на дојка. Средствата ќе бидат наменети за поддршка на мобилната СОС линија за пациентите кои боледуваат од рак и нивните семејства, како и за едукација на граѓаните во Македонија за ризиците и начините за превенција и рана детекција на ова заболување, со посебен акцент на младата популација.

Кампањата не случајно се одржува во месецот октомври - светскиот месец посветен на борбата против ракот на дојка, кога граѓанските организации, здравствените работници и владините институции од целиот свет, активно работат на подигнување на свеста за оваа болест.