Ана Бунтеска: Линија
Линијата меѓу водата и небото
која едвај видлива е
та се прашуваш дал водата небото го поплавила
или небото водата ја посинело.
Линијата меѓу плачот и смеата
кога очите полни солзи се
и не знаеш дал лелек се спрема
или кикот од душа излезен.
Линијата меѓу љубов и нељубов
која како влакно тенка е
и која се кине со збор погрешен
од кој враќање немало и ќе нема.
Линијата меѓу доброто и злото
чунки некојпат од мисла арна
знае лошотилак да излезе
ако јазикот од умот побрз станува.
Линијата на лист хартија
која за збор преколнува
и која осамена седи
тогаш кога мислата пресушува.
Линијата меѓу искреност и суровост
кажана со милост или грубост
која или како иљач залекува
или со отров срце огрубува.
Линијата меѓу сакам и не сакам
во која желбата се прпелка
како пресна баклава во шербет сладок
или како пелин кој во устата жежи.
Линијата меѓу животот и смртта
по чиј раб секој ден се среќаваме
и немо со нишкање на главите се поздравуваме
како за последен пат да се гледаме.
А мене,
мене од сите линии за коишто знам
најдрага ми е онаа
кога твојот праг го пречекорувам.
За Женски Магазин, Ана Бунтеска