Ана Бунтеска со промоција на своја книга во Хрватска: За македонските љубители на убавиот пишан збор поетесата најави две нови книги
Поетесата
Ана Бунтеска имаше промоција на своја книга за деца во убавата Хрватска. „Шарени
приказни“ е преведена од ученици, сега веќе студентки. Книгата не може да се
најде во продажба, но истата ќе биде поделена во библиотеки и на ученици кои
сакаат да го изучуваат македонскиот јазик. Бунтеска во оваа наше кратко
интервју сподели детали за промоцијата и откри дали подготвува нови книги за љубителите на нејзиниот пишан
збор и во нашата земја.
* Имавте промоција на книга во Хрватска. Како помина истата, и дали тоа е ваша прва книга промовирана во таа убава земја?
- Имаме многу убава и интересна соработка со Советот на македонското национално малцинство на град Загреб. Во 2018 година, со професорката Тинка Б. Крстева разговаравме за книга која што ќе биде двојазична и која ќе се користи за образовни потреби на учениците во средните училишта кои го изучуваат нашиот јазик по моделот Ц, по наставна програма која е одобрена од Министерството за образование на Република Хрватска. Таа книга беше компилација на песни од трите збирки издадени од Матица и имаше наслов “Волим те до неба и назад” и целокупниот превод беше од страна на учениците, како и илустрациите во неа. Еве, 3 години подоцна ја издадовме и детската книга “Шарени приказни”, која исто така е преведена од ученичките кои учествуваа во преводот на првата книга, а веќе се студентки (Карла Шкрлец и Грета Форко Краљ) додека илустрациите во неа се од Петра Стојкоски. Книгите не можат да се најдат во продажба, бидејќи идејата ни беше да бидат поделени во библиотеките и на учениците кои сакаат да го изучуваат македонскиот јазик, а не бидат издадени за комерцијални цели.
* Како се спроведе промоцијата имајќи предвид дека е пандемија на коронавирус? Какви се протоколите таму?
- Промоцијата беше одржана токму на светскиот ден на книгата преку платформата ZOOM, се разбира токму заради пандемијата и неможноста да се организира промоција како за претходната на која заради други обврски присуствував онлајн. Сепак, дружбата беше прекрасна, со многу емоции и бев трогната до солзи кога учениците имаа направено и едно мини драмско читање на еден од расказите.
* Која е книгата што ја промовиравте?
- „Шарени приказни” беше првата детска книга која ја напишав и која беше сосем ново искуство за мене како пишувач, вода во која немав нурнато до пред скоро 2 години.
* Дали ќе прошетате низ Хрватска?
- Со Тинка, Карла, Грета, Петра и сите присутни си ветивме една дружба и промоција во првата можна прилика која ќе стивне пандемијата. Едвај чекам да можеме повторно да си ги живееме животите без ограничувања и со исполнување на сите планови и желби за патување. Хрватска ми е посебна љубов, особено Загреб а сега таа љубов е уште повеќе продлабочена токму заради овие пријателства кои ќе траат.
* А, кога да очекува македонската јавност нова книга кај нас?
- Веќе е спремен материјалот за уште 2 нови книги песни ( којзнае дали се песни, полураскази или нешто помеѓу), две нови книги колумни и се надевам дека ќе успеам да привршам летово и со нови детски книги. Само да сме живи и здрави сите, па да можеме повторно да се дружиме и собираме на убави настани. Многу ми недостасуваат промоциите и сета таа атмосфера на љубов, блискост и жед за читање.
Н.Миланова
Фото: Приватна архива Ана Бунтеска