Бев сама и несфатена: Даниејла Мартиновиќ си ја отвори душата на концертот во Скопје

Добивај вести на Viber

Данијела Мартиновиќ си го отвори срцето на скопскиот концерт во МНТ, кој беше дел од турнејата „Неописиво“. Можеби насловот на турнејата кој е ист како втората авторска книга на поп-ѕвездата е најдобар опис и за концертот.

„ Бев сосема сама и несфатена. Ми требаше долго време да се спознаам себеси, да дознаам која е вистинската Данијела. Ќе ви откријам дека вистинската е онаа која стои пред вас, тука и сега“, рече хрватската пејачка.

Во нови аранжмани со кои песните звучат поинтимно и потопло и со стихови кои самата ги пишува, Данијела ѝ понуди на публиката незаборавно доживување. Кажувајќи мотовирачки цитати од нејзините книги, пеејќи, танцувајќи и разговарајќи со фановите како да ѝ се блиски пријатели, таа сосема го оправда епитетот, миленичка на македонската публика кој го носи уште од 1998 година по „Евросонг“. Токму на „Нека ми не сване“, песната за која Македонија ѝ даде 12 поени на „Евровизија“ во Бирмингем настана кулминацијата. Публиката испеа повеќе од песната отколку Данијела.

„На оваа песна, кој не стане од столче, тој е со дијагноза. Кажете им на сите дека тоа ви го препиша докторката Мартиновиќ“, рече таа пред песната „Da je slađe zaspati“. Низ многу песни, таа се сети на оние кои веќе ги нема а работела со нив: Кемал Монтено, нејзиниот втор татко,но и Арсен Дедиќ.

„ Отидовме со Петар кај Арсен на врата. Тој нѐ пречека во бањарка. Му побарав текст за песна зашто знаевме дека само тој може да напише текст за еден ден. Повелете во мојата ординација- ни рече, имате 15 минути. Утредента во шест наутро, имав порака на секретарката дека текстот ми е готов“, со љубов зборуваше Данијела за Арсен. Петар Грашо, таа на шега го нарече: „Човекот кој од време на  време спие со мене и мојот најдобар пријател.“

За крај, низ солзи од задоволство и радост, без чевли на нозете кои претходно ги собу за да може слободно да танцува, Мартиновиќ порача дека не треба да се плашиме. „Сртавот е непостоечка категорија. Не плашете се од мракот, затоа што во него подобро се гледа светлината. Светете, и искористете ја својата шанса, затоа што секој од нас е единствен и непофторлив“.

Данијела ќе одржи уште еден концерт утре (сабота) на истото место од 20 часот.

Милица Џаровска

Фото: Вангел Тануровски