Без изговори! Сигурносниот појас спасува живот
„Не ставам појас затоа што ме стега - не можам да возам“, „Кога возам на кратка релација, не ставам појас – не се исплати“, „Ако било пишано, појасот нема да те спаси“.... Ова се најчесто употребувани изговори во нашето сообраќајно секојдневие. Но, за жал, празни изговори... Возењето без појас е причина за голем број сериозно повредени лица во сообраќајни незгоди.
Статистика:
Истражувањата покажуваат дека во Република Македонија, само околу 30% од возачите користат сигурносен појас. Тој процент е уште помал кога се работи за сопатниците на предното седиште, а за патниците на задните седишта, процентот на лица кои користат појас е приближно еднаков на нула.
Во Македонија, според статистичките податоци, правилото за користење сигурносен појас, најмалку го почитуваат младите на возраст од 17 до 34 години.
Доста интересен е податокот дека во помалите градови возачите поретко користат појас, отколку во главниот град Скопје, како и податокот дека појасот ретко се користи при возење во населено место, отколку надвор од населено место.
Возачите од земјите во Европската Унија, користењето безбедносен појас го имаат сфатено многу сериозно, па оние возачи кои забушаваат со користење појас, иако се во мал процент (10% на предните седишта, а 25% на задните седишта), се сметаат за „сериозен проблем“. Една од попроблематичните земји во ЕУ, во однос на користење безбедносен појас е Бугарија - само 55% од возачите користат појас. За разлика од неа, во Германија, процентот на возачи кои користат појас е високи 93%.
Истражувањата од релевантните меѓународни организации покажуваат дека 50% од возачите загинале поради тоа што не користеле појас, односно, сигурносниот појас го намалува ризикот од фатални последици при сообраќајни незгоди дури до 50%.
Според статистиката, можеме да заклучиме: некористењето сигурносен појас е сериозен проблем со кој се справува нашето општество и треба да се преземат сериозни мерки за негово решавање и спречување.
Покрај многубројните едукативни кампањи и активности, жално е да кажеме, но казнувањето на возачите и сопатниците е една од мерките која најмногу влијае врз дисциплината во сообраќајот.
Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во Република Македонија, правилото е јасно: возачот и лицата кои се превезуваат со возилото (во кое се вградени сигурносни појаси), задолжително треба да користат појас кога возилото се движи во сообраќај на пат.
Секоја отстапка, секое непочитување на Законот, се казнува со 40 евра во денарска противвредност или 25 негативни бода за возачот на возилото, додека за лицата кои се превезуваат со возилото (патниците), а не користат сигурносен појас, казната изнесува 50 евра во денарска противвредност.
Иако казните за оние кои не користат појас се големи, сепак нема поголема казна од последиците од сообраќајните незгоди. Уништени животи, уништени семејства, траен инвалидитет, болка и траума кои траат цел живот. Користењето сигурносен појас е избор меѓу животот и смртта. Добриот возач не само што знае да вози, туку и ги почитува сообраќајните правила и прописи.
РСБСП ги советува сите возачи да не дозволуваат возењето без појас да биде нивната „лоша навика“. Користете појас секогаш и секаде - без изговори!
„Појасот ме стега“. „Патувам на кратко растојание“. „Не возам брзо“. „Не се чувствувам пријатно“. „Возам внимателно, нема шанси да направам сообраќајна незгода“. „Појасот ми ја намалува комоцијата кога возам“. „Не знаев дека и тие на задното седиште треба да носат појас“. „Ако било пишано, појасот нема да те спаси“... Изговори, изговори и само изговори... Ниеден изговор не е оправдан! Ништо нема да те заштити како сигурносниот појас. Едноставно, немаш изговор за одговорно учество во сообраќајот!
Изгубеното време при ставање на појасот или минималното губење комоција додека се возите, не се ништо, во споредба со фактот дека појасот е чувар на вашиот живот.
РСБСП: Запомнете, ефектите од користење сигурносен појас се посилно изразени при брзини кои се достигнуваат во населено место. Сообраќајните незгоди се случуваат секому, секогаш и секаде и тоа најчесто кога најмалку очекувате. Затоа, без изговори! Секогаш користете сигурносен појас.