Од сите љубови што сум ги имала, а тука
спаѓаат кон дете, партнер, родители, пишување, домашни миленици, пријатели и
сама себе, единствено безусловно сум ја сакала ќерка ми. Без двојба и со
100%-на сигурност го ставам детето на прво место, па многу празни места удолу и
после се љубовта кон себе, родителите, пријателите и точка разно. Да знае човек
безусловно да љуби, е голема мудрост и големо одраснување во душата. Признавам
едно, никогаш не научив безусловно да сакам партнер и чинам дека никогаш и нема
тоа да го научам. Си признав и се помирив дека можеби нема да бидам толку голем
човек за да се издигнам над се’ што ми пречи или што ме
повредува и да ја прифатам другата страна безусловно онаква каква што е. Па
луѓе, дури ни сама себе не се сакам безусловно, стално има нешто што ми пречи
во мојов табиет и мислам дека можам поинаку, подобро.
Она што отсекогаш чинам дека сме го грешеле во односи со луѓе е идејата дека можеме некого да смениме, иако сме си молчеле на почетокот одобрувајќи им го секој потег. И сега мислите дека сум контрадикторна кога велам оти не можам и не знам да љубам безусловно, а од друга страна дека сум против да се менува партнерот. И да, навидум е безвезе констатацијава. Но, еве вака да се дообјаснам. Почнувате некаков однос со некого, отпрво без некои големи планови но со тек на време односот се продлабочува. И нормално, секој од нас си има свои фалинки, совршени сме само за родителите кои, дури и да имаме рогови на глава ќе ни речат “леле синеееее, колку убаво ти стојат”. Она на што (за жал) забораваме на почетокот е дека треба внимателно да ги гледаме и перцепираме и негативните особини. Мене ми било многу тешко во фазата на вљубеност да се фокусирам на ц’цканиците кои после ме ваделе од такт. Да, во таа фаза на вљубеност или како што ја викаат “љубовно слепило” сите негативни особини имаат еден розов слој (па и два-три) кој го амортизира чувството на одбивност или претпазливост. И си мижиме, свесно и малку несвесно. Мижиме затоа што илузијата на љубов како од филмовите е преголема и преслатка. На пример, колку сте возбудени дека партнерот ви е авантурист и сака само да шета, да е активен и да збира нови искуства иако вие не сте такви. И сето тоа го прифаќате, иако некогаш знае да ви засмета кога сте преморени од работа или сте во ПМС па само ви се лежи, а тој ви го организирал цел викенд. Но, не му кажувате, оти ви е незгодно, па ви е глупаво, па си мислите да не помисли нешто лошо за вас. После викендот ем не знаете за себе, ем ви иде да му врзете една. А што станува ако го изберете за животен партнер? Ќе можете ли да држите чекор со тоа темпо кое сте го прифатиле од старт иако не ви одговарало, ама не сте зуцнале за да знаете дали е решливо или поарно да си кажете чао додека не станало сериозно.
Во однос на тоа зошто и јас не сум била сакана безусловно, работите стоеле вака. Сум имала проблем со својата слобода која и ден-денес ми е света. На почетокот тоа ги воодушевувало моите партнери. Башка, не прашувам “кај си, со кого си и кога ќе си дојдеш”. Не за друго, туку ако се опседнам со тоа, ќе му го и ќе си го сторам животот пекол. Кај мене е тоа “ти верувам, додека не се докаже спротивното”. Но, не поднесувам и кога некој ми се качувал на глава за тоа каде сум и со кого сум, а најмалку кога ќе се вратам. Ако кажам дека пишувам или дека ми се седи некаде сама на кафе, тоа е тоа. Нема заткулисни игри, ако не те сакам си заминувам. Ако има некој друг, претходно се пакувам и си одам. Си го поедноставив животот до максимум. Поентата е дека луѓето генерално малку си веруваат едни на други, па стануваат детективи и со тоа се измачуваат себе, тој карши нив и врската.
Исто, ми се случило и од заслепеност да одбијам да прифатам дека чоекот наспроти мене има особини кои не ми се допаѓаат. Па сум глумела дека сум ок со тоа што знаел да ми откаже нешто договорено, оти му се јавиле другарите па ај да не ги откачи. Да, другари се света работа, ама границата е кога тоа се случува често и откажувањето било непосредно пред средба. И си тераше тоа така неколку пати, додека не ми светна оти тоа така и ќе остане и кога се преслушав себеси дали сакам и можам да прифатам, резултатот беше дека треба да прекинеме.
Отпрво, се’ е интересно. Во таа фаза на слепило кога хормоните дивеат, ретко што ни засметува. Но, безусловноста е толку многу ретка што е на ниво на урбани приказни. Не може ама баш ништо да не ми засмета и баш ништо да не му засмета. Целата работа е колку од она што ќе засмета, ќе биде пречка за развивање на односот. Дали може со одредени компромиси да се испеглаат работите. Ама за да се направи тоа, треба муабет. Оти не бива после 2-3 години да почнете да го замерате она кое сте го премолчувале и да го ставите на астал како “изненадувањеееееее”. Уште полошо ако сте причекале до брак и дете за да соопштите некои работи. Луѓето не можете да ги смените, исто како што никој не може вас да ве смени. Секој пат кога сум се обидела да издејствувам да се смени некој (а сум била виновна скроз оти не сум реагирала навреме), завршило со крах на врската. Секој пат кога некој се обидел да ме смени, а ми создал илузија дека токму тие особини кои сега сака да ги снема биле првичниот импулс со кои сум го привлекла, завршило со крах. Возрасни луѓе не се менуваат, евентуално можат да ублажат некои особини или да направат компромис кој треба да е реален, оти сепак, табиет си е табиет.
Но, има парови кои ја имале таа среќа во животот за да се најдат и да си се сродни души. Како во сложувалка кога две делчиња совршено налегнуваат едно во друго. Просто да не ви се верува дека е можно такво нешто. И секогаш се прашувам, дали е судбина, дали е издигнување над суетите и сите земски глупости со кои повеќето од нас се занимаваат, или е едноставно среќа? Дали таа безусловна љубов кај нив значи дека буквално тие две половини прават едно цело или дека се свесни оти секогаш ќе има различности, ама тие се неважни во споредба со љубовта. И дали тоа значи дека сите ние кои не знаеме за безусловна љубов имаме уште многу да учиме за неа?Или, кога грнчето ќе си го најде капачето, сите лекции за љубовта сами ќе ни се кажат.
Безусловноста во љубовта е откажување од ситничарење, ставање на кантар и замерки. Но, од друга страна тоа и не се постигнува со секого. Сепак, за да имате мотив, желба и полетност да се издигнете над сопственото его дури и не знаејќи дека го правите тоа, потребно е да си го најдете своето огледало. И за крај, не губете надеж и верба дека сепак постои безусловна љубов и човек со кого ќе можете и знаете како да ја живеете.
Да сте ми живи и здрави, ви подарувам нова песна.
До
следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
К’смет да има чоек
За да љуби и љубен да е
Без да фаќа кусур
И без да му мерат збор на кантар
Ете така....
Огледало тој карши него да му е
Во кое душата ќе си ја опули
Без уплав да има што во неа ќе види
Да е чоек среќлија
Та да си најди љубов голема
Во која совршеност ќе нема
Ниту се’ погодено ќе е
Ама во која спокојот ќе си го најди
И смеата в срце ќе му се вгнезди
Та сон мирен да има
Без стравови и кошмари
И ноќи полни шепотења
Треперливи воздишки
Оросени тела
Деној во кои се’ станува меко
Како облаци во градите да носи
Полни шеќерна волна
Со вкус на бакнеж од саканиот
Да е чоек само к’сметлија
Та да си најди карши себе душа
Во чија убост и неговата ќе вплови
Та со поглед да се разбираат
И без збор муабет да истераат
Со допир иљач да си бидат
И со испреплетен здив
Љубовни писма да си пишуваат
Оти реткост е
Голема реткост стана
Грнчето капаче за себе да си најди
За биде цело
За да биде среќно
Та ако некој ме праша сега
После сито и решето изврвено
Што мислам оти најважно е
Без да му ја мислам
И без никаква двојба ќе му речам
Оти од раце не се испушта љубов
Во која свој ќе си
И во која свој ќе останиш
Ама само ако среќа имаш
Ако к’сметлија си
За таква љубов да дочекаш
Покрај таква љубов да останиш
И со неа во срцето
Од овој свет да заминиш