Благојче од Кочани го нуди својот дом за две семејства од настраданите од Турција и Сирија: Деталите ги кажа за Женски магазин

Добивај вести на Viber

Велат големината на човекот се гледа, кога тој помага кога на другите им е најпотребно. Таков пример за човек со големо срце е и Благојче Горгиев од Кочани кој понуди сместување за две семејства од настраданите од Турција.

За Женски магазин тој вели дека не размислувале долго со сопругата дали да помогнат и да понудат сместување, бидејќи како што истакна: „Знаеме што е мака, а на човек му е потребно да му се најдеш во мака“. 

Досега на неговиот повик се јавила една девојка по потекло од Турција и нејзе и дал контакт, за ако на некои луѓе им е потребно да им излезат во пресрет, да им помогнат. Го контактирале и други колеги новинари, кои сакаат да ја споделат неговата приказна.

Благојче инаку е инвалиден пензионер од 2013 година, скоро 10 години во инвалидна количка, татко на 5 деца, и со сопругата која работи во пекара на каса, се трудат да им помагнат на луѓето, колку можат. 

„Ова не е наша прва иницијатива за помош на луѓе, имаме организирано повеќе иницијативи и за време на пандемијата и сега, бидејќи Бог не‘ створил, а неговата единствена желба е да си помагаме меѓусебно кој со што може со тоа“.

За двете семејства на кои им е потребно сместување по катастрофалниот земјотрес кој ги погоди Турција и Сирија, Благојче го нуди едниот спрат од неговата куќа, од неговиот дом кој како што истакна ќе го приспособат за едно семејство и ја нуди за друго семејство викендицата во село Стење, Преспанско во која ги имало сите услови за живеење.

Секоја чест, голем човеку!


Н. Миланова

Фото: Фејсбук