Бог ми помогна кога ми беше најтешко: Актерката Маја Андоновска Илијевски открива дел од приватноста

Како директор на Центарот за култура Битола, во време на корона пандемијата направи фестивал, кој според организацијата, беше урнек за останатите во земјата. Планира да се искористи летниот период и сцените на отворено во Битола.

Како актерка, која публиката ја памети од голем број театарски претстави меѓу кои „Обзрни се во гневот“, „Свирач на покривот“, „Слугинки“, “Хамлетмашина“, „Фауст“, „Сон на летната ноќ“, вели дека многу и недостасасува мирисот на даските што значат живот.

Како мајка, ужива во грижата околу едно здраво, љубопитно и интелигентно детенце кое се спрема за прваче .

*Како е да се биде во „кожата“ на директор на Центарот за култура во Битола во време на пандемија, кога се застана или споро се придвижува?

-Дефинитивно ова не е патот кој како директор го замислував. И дефинитивно пандемијата ги замрси сите наши планови. Културата е погодена силно, втора година преживува на шкрги, но сепак, гордо можам да кажам дека сум директор кој минатата година со добивањето на протоколите за работа ,меѓу првите во земјата организирав фестивал, и тоа сериозно голем, со кој минатата година прославивме 50 годишен јубилеј. Тоа е фестивалот за Фолклорни песни и игри Илинденски денови во Битола,кој во нормални услови пречекува околу 1200 до 1500 гости од земјата, но и од целиот свет. Но, минатата година имаше нова форма. По неговиот урнек се отвори летната културна сцена во државата. Активно сработивме и Фестивал на музика од светот, отворивме летно кино, па потоа го отворивме и редовното 3 Д кино во Битола кое работеше по сите протоколи без застој, и организиравме десетина изложби.Во моментов се подготвуваме за Интернационалниот фестивал за монодрама, кој минатата година беше откажан, а на кој беа селектирани 13 актери од цел свет. Со оглед на тоа дека сеуште ситуацијата не е смирена, границите се несигурни, оваа година ќе имаме сериозен домашен фестивал со девет македонски монодрами на еминентни актери од целата држава. Тоа што особено ме радува е дека актерите вредно работат, и дека монодрамата оваа година како форма доживеа сериозна експанзија.А веднаш потоа ни следува едно бурно лето со многу настани и фестивали, за кои сега веќе имаме искуство и ги работиме со помалку стрес од минатата година.


 Ужасно многу ми недостига работата во театар

*Кои планови ги зацртавте, а не успеавте да ги реализирате? Како понатаму?

-Минатата година беше јубилејна за Центарот за култура Битола кој заокружи 40 години постоење. Планот беше да биде една роденденска година, во која секој месец ќе имаме големи настани, концерти, претстави, гостувања. Беа откажани големи планови, два концерти на групата „Фрајли“ во месец февруари, една театарска претстава со гости од Србија, Интернационалниот фестивал за монодрама, неколку изложби, концерт на Танец, промоција на монографија, премиери на филмови и уште многу настани. Но како што напоменав, нашиот план беше и сеуште е, да се искористи летниот период и сцените на отворено во Битола. А поголемите концерти и фестивали да се случат под отворено небо, со што публиката ќе биде максимално заштитена,а учесниците исто така.

* По професија сте актерка, која на сцената на Битолскиот театар остваривте значајни улоги. Ви недостасуваат ли пробите, дружбата со колегите, аплаузот пред и по одиграната претстава?

-Ужасно многу ми недостига работата во театар, пробите, претставите,миризбата на театарската сцена, публиката, аплаузот. И секој ден тој недостиг е се поголем. Но полека театарот продолжува со работа, секако со помали продукции , па мојата надеж дека наскоро ќе заиграм во некоја од нив, ме одржува актерски будна и жива..

Чекорам со многу љубов по духовниот пат

*Вашиот брат, пејачот Димитар Андоновски е голем верник. Дали и вие го следите тој пат?

-Секој верник има свој пат. Јас се гордеам со тоа каков човек е брат ми, и неговата посветеност и љубов кон бог и црквата, според мене е нешто од бога дадено. Јас сум верник, но не можам и не сакам да се споредувам во верата со никој. Тоа е едно индивидуално чувство, и затоа сметам дека секој верник има свој духовен пат, кој верувам дека го чекорам со многу љубов.

* Сте биле ли некогаш во ситуација да упатите молитва до Бога во тешките мигови, а потоа да ја почувствувате божјата сила или волја која тагата ќа ја замени со радост?

-Секако дека да. Со божја љубов, силни молитви, и благослов од бога моето дете е денес живо. Кога беше само 5 месеци, доби сепса од болничка бактерија, и завршивме на детската клиника во Скопје. Долги 17 дена, немавме точна дијагноза. Се луташе од испитување на испитување, детето гореше од температури, а ние гледавме како ни тоне пред очи. Докторите правеа се што е во нивна моќ, но ситуацијата не се подобруваше. Брат ми се јави во Бигорскиот манстир и кај сестрите во Рајчица, да се молат и да го споменуваат во молитвите. Отец Партениј, даде совет и благослов да го крстиме детето на клиника, и испрати отец кој го направи светиот чин миропомазание во болничката соба. Паралелно, во молитви го имаа и монасите од манастирот Зрзе. Два дена после крштевката, се откри точната дијагноза, и се даде соодветна терапија, после која ситуацијата на Николај почна да се подобрува. После еден месец поминат на детска клиника, ја напуштивме клиниката со дете во раце...Кога Николај наполни една година, повторно со благослов на отец Партениј на ден Велигден, Николај беше искапен и во света вода во црква. Затоа знам често да кажам дека моето дете имаше две крштевки и е божјо дете.

Благодарноста до доктор Карева, доктор Софијанова и до бог, што ми го спасија детето ќе ми бидат за на век.


* Како е сега вашиот син? 

-Здраво, пргаво,љубопитно, интелигентно и темпераментно детенце кое се спрема за прваче . Му благодарам на Бог.

* На денот на вашиот роденден објавивте фб статус во кој откривте дека зад вас е еден тежок период, но сепак не сте ја изгубиле надежта и верувате дека ќе дојдат поубави денови. Што ви се случуваше?

-А кој од нас не помина тешка година. Очи во очи соочени со пандемија, смрт на познати и непознати, бројки, протоколи. Кога на сето тоа ќе го додадам и личното искуство со прележување на корона, и неколку месеци средувајќи ги последиците од неа, можам да кажам дека беше една многу долга година. Но, од друга страна, од целата тежина која ни ја наметна на грб, не потсети малку и на убавите работи, кои во трката со животот ги имавме подзаборавено. Се потсетив на убавината на мирниот живот, на небрзањето никаде, на квалитетното време поминато со семејството и пријателите и одбирам да го паметам само тоа.

* Кој е вашиот предизвик како директор, а кој како актерка, во иднина?

-Мој предизвик е секогаш да бидам квалитетен човек. Со таква основа, сите предизвици кои се наметнуваат, се добра инспирација на патот кон успехот.

Соња Алексоска Неделковска