Болките на Атиџе беа неиздржливи, не можеше сама да оди ниту до тоалет: Турунџиева раскажа за голготата низ која помина познатата пчеларка

Добивај вести на Viber

Атиџе Муратова, која целата јавност ја засака откако на светот му ја пренесе пораката „Пола за нас, пола за пчелите“ од документарецот „Медена земја“, изминатиов период имала сериозна повреда на коленото.

Сузана Турунџиева, нејзината добар пријателка вели дека Атиџе сега е добра, но поминала многу тежок период, најмногу поради тоа што не можела да им се посвети на пчелите.

- Не е нешто со што треба да се фалам, и немаше ни да споделам ништо, ама многу ми беше криво бидејќи жената непотребно изгуби 2 месеци“, вели Турунџиева која ни ја раскажа целата приказна.

- Пред 2 месеци од лошо нагазување во Бекирлија,  ѝ се случи сериозна повреда со скинати лигаменти, голем оток, ѝ се измести чашката на коленото и имаше неподносливи болки и дење и ноќе. Ја однеле првично во Велес на доктор, виделе дека се скинати лигаменти ама ништо не ѝ препишале освен некој гел против болка.

Нејзе од ден на ден ѝ се влошуваше состојбата и се  повеќе и отекуваше, а болките беа неиздржливи, а таа не можеше сама да оди ниту до тоалет,  а камо ли до продавница.  Најголем немир и тага и предизвикуваше фактот што не може да оди кај пчелите, и тоа токму во период кога се’ насекаде беше расцветано, а сите знаеме нели дека ако пчелите не ги опрашат цвеќињата и дрвцата додека се во полн цвет, лошо ни се пишува нам на луѓето“, ни раскажа Турунџиева, нашаша позната уметница и водителка која е наставник по музичко образование.

- Среќа во несреќа беше што во целиот тој период,  додека јас секое утро се молев за да чујам добри вести од Атиџе,  дека подобро спиела и дека болките и спласнуваат,  бев поканета да се вклучам во кампањата на МАГО - Македонска асоцијација на гинеколози и опстетричари, по повод Неделата на женско здравје. Таму им ја кажав маката, и замолив за помош. Благодарение на добрата волја и брзата интервенција на др.Тофоски, веднаш ни закажаа преглед на клиниката за ортопедија кај др.Трајановски, каде ѝ одредија точна дијагностика и терапија благодарение на која сега ѝ е многу подобро“, вели Сузана.

Таа ѝ е многу благодарна на својата пријателка Јасмина Чашуле за поддршката и логистиката, и накако што вели- прекрасните Наташа и Драгана од Ортопедик. Атиџе сега закрепнува и наскоро ќе може да им се врати на секојдневните активности во селото.

М.Џаровска

Фото: Приватна архива