Болни почетоци, среќен крај: Свадбите, приновите и разводите на познатите во 2019

2019 беше добра година за нашите познати личности. Повеќе среќна и успешна, отколку баксузна, судејќи според убавите работи кои на приватен план им се случија. Неколку познати актерки, манекенки, пејачки станаа мајки, некои станаа баби, имаше неколку венчавки за кои на големо се зборуваше, а разделби многу малку.

Годинава што изминува беше среќна за Катарина Ивановска, наш модел со светска кариера. Во септември, таа ја роди ќерката Кира, а нејзината блиска пријателка Тамара Тодевска беше меѓу првите кои ѝ честитаа на социјалните мрежи. Катарина и нејзиниот сопруг Цобе го имаат и двегодишниот син Вања.

Три генерации: Катарина со ќерката Кира и мајка си 

Пејачката, водителка и писателка Сузана Турунџиева во март стана баба. Нејзината ќерка Лора го роди и синот Јаков. Сузана за „Женски магазин“ изјави дека нејзината ќерка е голем херој и оти со раѓањето на внукот, почнува нов, убав период за целото семејство.

„Лора е голем херој, борец. Таа е похрабра и од мене. Дваесет часа издржа големи болки, сите ние 20 часа бевме на нозе и до самиот крај беше упорна да се породи природно. На крајот, сепак мораше да ја оперираат, и се породи со царски рез“, ни изјави среќната баба.

Семејна фотографија на Лора Турунџиева

Дека имала тешко породување и едвај ги издржала болките, за Женски магазин искрено раскажа и пејачаката Нина Јанева. Најголемата радост на Нина и на сопругот Александар им се случи во септември, кога им се роди ќерката Арија.

„Имав прилично тешко породување и првиот момент кога ми ја дадоа си помислив: Иста е како татко ѝ. Бев во големи болки, но за кратко тоа се среди. После три часа ми ја донесоа во апартманот каде што ја чекавме со Александар, мајка ми и сестра ми. Е тогаш вистинските емоции си ја превзедоа улогата. Се расплакав кога сфатив дека е моја, дека е моето најголемо достигнување во животот“,  раскажа Нина.

Нина Јанева првпат стана мајка

За тешкиот период откако во седмиот месец го роди синот Ненад кој два месеци беше во болница, ексклузивно за Женски магазин раскажа актерката Јана Стојановска. Ненад е роден два месеци пред терминот, на шести септември, во Букурешт, каде што актерката живее со сопругот, кошаркарот Андрија Бојиќ кој игра за клубот „Волунтари“.

„ Ненад нѐ изненади сите, нѐ извади од кондури. Беше 31 август и јас се мислев каде да одам да се сончам дента додека е Андрија на тренинг. Сѐ уште беше лето, два месеци пред мојот термин. Прсна водењакот, не бев ни сигурна што се случува, знам само си реков: „Многу е рано” и трк во првата болница што ни ја препорачаа од клубот. Морав да останам во болницата додека не ми се качат леукоцитите, не можевме да знаеме дали тоа ќе трае еден ден или еден месец“, ни раскажа Јана. По два месеци поминати во болница, синот на Јана кој го носи името на нејзиниот покоен татко, големиот актер Ненад Стојановски, сега е дома и одлично напредува.

Актерот Кирил Поп Христов - Кили во јуни стана дедо. Неговата ќерка Јоана се породи во Еквадор, каде што живее со сопругот Родригез Сориа Хосе Луис. Јоана роди машко дете, кое на желба на родителите се вика Аниш Круз Родригез Деан. Последното презиме е од мајката на Јоана, сопругата на Кили, Гордана Деан Поп-Христова, основач на балетското студио „Ребис“.

Ќерката на актерот Кили се породи во Еквадор 

Фолк- ѕвездата Сузана Спасовска во октомври ја омажи ќерката си Теона. Сузана и најблиските направија направија веселба за свадбата со партнерот Виктор Велковски, кој ја запроси Теона во јануари годинава.

Сузе на свадбата на ќерка си

Фолк пејачката Анастасија Петреска, ќерката на фолк-пејачот Наум Петрески во март стана мајка. Таа роди ќерка на која со сопругот, пејачот на групата „Биоритам“  ѝ го дадоа името Андреа. „ Многу сум радосен, немаше посреќен човек од мене кога Анастасија ми соопшти дека е бремена. Воопшто е важно дали ќе ни се роди внук или внука, но пресреќен сум што таа ќе роди девојче. Нека биде убава на мама и талентирана за музика на мама и на тато“, ни изјави Наум Петрески минатата година.

Првпат стана мајка и Анастасија, пејачка и ќерка на Наум Петрески 

Крајот на оваа година е најсреќен и за пејачот Јоце Панов. Тој и неговата сопруга Марина Нацевска го добија синот Лука. Панов раѓањето на синот го прослави со голема забава во еден скопски клуб со многу гости.

Јоце Панов стана татко

Хип-хоп артистот Тони Зен и неговата сопруга Валентина Јованова во март станаа родители на Јасен. „Имаме син, има четири недели. Навистина не сакам да се експонирам на овој начин, за приватниот живот никогаш многу не сум зборувал“, ни изјави Тони на почетокот на месец април. Во мај, тој за првпат објави фотографии од синот.

                   Јасен, синот на Тони Зен 

Иако во претходно интервју за Женски магазин изјави дека ќе се жени на 33 години, пејачот Александар Белов тоа го направи една година порано. Белов во Крагуевац, каде што неколку години живее со својата сегашна сопруга Јелена, направи свадба на која имаше многу гости од Македонија и од Србија.

Во септември, пејачот ја изненади саканата, откако ја побара за жена на како што вели едно од неговите омилени места, манастирот Свети Наум во Охрид. „ Решив да ја побарам Јелена токму на ова место, едно од моите и нејзините омилени. Многу се изненади, не очекуваше да биде токму на Свети Наум“, ни изјави Белов.

Белов на свадбената фотосесија 

Здравко Чолиќ, Жељко Самарџиќ, Владо Георгиев, и најголемите македонски ѕвезди беа гости на свадбата на познатиот менаџер Кристијан Стефановски, и неговата сопруга Ана Стојковска. Стефановски е организатор на концертите на повеќето од нив, па затоа сите дојдоа да му направат чест на забавата во јуни за која потоа долго се зборуваше. Дел од гостите беа и Лозано, Виолета Томовска, Димитар Андоновски, со сопругата Христина, Елвир Мекиќ со сопругата Лејла, Јован Јованов, Роберт Саздов, хит мејкерот Лазар Цветковски, Јоце Панов, Кристина Арнаудова со сопругот Александар, Благоја Грујовски, Драган Вучиќ и многу други.

И Здравко Чолиќ дојде на свадбата на менаџерот Кристијан

Поранешниот македонскиот кошаркарски репрезентативец и актуелен претседател на Кошаркарската федерација на земјава, Перо Антиќ, и неговата сопруга Ружица, во јуни се разведоа, објави тогаш  „Женски Магазин“. Ружица која е основач и главен и одговорен уредник на магазинот „Портрет“, на „Инстаграм“ го промени и презимето.

- Разводот е веќе официјализиран, а по 13 години заедница, остануваат во коректни односи поради трите сина - ни открија тогаш блиски пријатели на познатата двојка.

Годинава се разведе кошаркарот Перо Антиќ

Ракоментниот репрезетативец Филип Кузмановски во октомри се ожени со својата избраничка Моника Игнова. Филип и Моника правеа свадба на отворено во Битола. Меѓу гостите на свадбата бил и ракометарот Дејан Манасков, кој е братучед на Моника.

Ракометарот Кузмановски со сопругата

Поранешниот играч на РК Вардар, Илија Абутовиќ стана македонски зет. Абутовиќ, кој сега игра за „Рајн Некар Левен“ од Германија, во јули се ожени со долгогодишната девојка, Сања Стојчевска.

Абутовиќ стана македонски зет

Пратеникот Мухамед Зекири минатиот месец се венча со поранешната директорка на телевизијата Алсат М, Бисера Јордановска во хотелот Double Tree by Hilton, каде што кум беше премиерот Зоран Заев со неговата сопруга Зорица Заева.

Се ожени пратеникот Зекири, премиерот му стана кум

Матичарот ја венча двојката во хотелот, а невестата го зема презимето на младоженецот. Женски магазин објави ексклузивна фотогалерија од свадбата.

М.Џаровска