Ботоксот како третман, после кој не е потребно да се користат антипресперанти: Како може да го спречите прекумерното потење во лето?
Колку пати непријатната пот го расипала впечатокот на вашата модна комбинација?
За луѓето кои страдаат од хиперхидроза, проблемот е особено видлив во стресни ситуации или за време на интензивна физичка активност. Со доаѓањето на летните горештини, овој проблем станува уште поизразен и понепријатен. Потењето е нормална физиолошка појава, но ако станува збор за прекумерно потење или хиперхидроза, може да има значителен физички и психолошки товар што влијае на секојдневните активности и го нарушува квалитетот на живот.
Преголемото потење се разликува од нормалното (физиолошко) потење во количината на излачена пот. Нема познати предизвикувачи за овој вознемирувачки феномен, а науката редовно се занимава со изнаоѓање решенија за овој проблем. Кои се опциите за третман и дали има производи кои помагаат во олеснување на прекумерното потење, ни открива доц. д-р Анета Кокалеска Петрушевска, од ординацијата „Д-р Анчевски“.
Хиперхидроза е феномен кој влијае на 1-3% од луѓето
- Хиперхидроза е прекумерно потење што не е нужно поврзано со климата, сезоната или физичката активност. Потењето може да биде со толку голем интензитет што може да ги наруши нормалните дневни активности и да предизвика социјална вознемиреност и непријатност. Повеќето луѓе се потат кога вежбаат, кога се во топла средина, или пак кога се возбудени или под стрес. Прекумерното потење со хиперхидроза далеку го надминува таквото нормално потење. Хиперхидрозата обично ги зафаќа рацете, нозете, пазувите или лицето. Нервите одговорни за сигнализирање на потните жлезди стануваат преактивни, иако тие не биле предизвикани од физичка активност или покачување на температурата. Со стрес или нервоза, проблемот станува уште полош. Не постои медицинска причина за овој тип на хиперхидроза. Може да има наследна компонента, бидејќи понекогаш ја имаат повеќе членови на семејството- објаснува д-р Кокалеска Петрушевска.
Третман со ботокс
Еден начин да се контролира прекумерното потење, кое го прават и многу познати ѕвезди и многу спортисти, е третманот со ботокс.
- Ботокс неуротоксин третманот помага во контролирањето на симптомите од екцесивно потење на тој начин што времено ги блокира хемиските сигнали од нервите што ги стимулираат потните жлезди. Кога потните жлезди не ги примаат хемиските сигнали, екцесивното потење престанува. Се очекува дека ботокс инекциите едноставно времено ќе го запрат продуцирањето на пот само во третираните области. Потта останува да се произведува на сите други нетретирани места. Вашата пот не оди никаде и не се задржува внатре, едноставно потта не се продуцира повеќе на третираните области со помош на ботокс. Кога потните жлезди не ги примаат хемиските сигнали, екцесивното потење престанува. Запомнете дека остатокот од Вашето тело може слободно и на нормален начин да ја произведува вообичаената влажност- вели д-р Анета, и додава дека ефектoт трае најмалку 1 година под пазувите, а на дланките, табаните и челото трае до 6 месеци.
Самата процедура е релативно вообичаена и трае од 10 до 15 минути. Мала количина на ботокс разреден се инјектира плитко во третираната регија преку многу тенка игла. Во ординација „Д-р Анчевски“ долги години се применува овој третман на ботокс за хииперхидроза на сите наведени регии.
- Досега не сме имале ниту еден пациент со компликации односно несакани ефекти од примена на истиот. Затоа препорачувам апликацијата на ботокс за прекумерно потење да се изведува во дерматолошка ординација од страна на лекари специјалисти дерматолози кои се сертифицирани за примена на вакви техники и секако со повеќегодишно искуство во примена на вакви третмани- порачува докторката.
Кога симптомите постепено ќе се вратат, тогаш пациентот ќе знае дали е време за повторен третман. Доколку пациентот се одлучи да не продолжи со понатамошен третман, потењето постепено ќе се врати на својата пред-третирана состојба. Ефектите од ботокс третманот постепено исто така ќе исчезнат и вообичаениот начин на потење во целост ќе се врати. Треба да се одреди стратегија на третирање во зависност од потребите на пациентот и можните резултати од самиот ботокс третман.
- Добрата страна после ваков вид на третман и на големо задоволство на пациентите е дека потењето запира и додека трае ефектот од третманот не е потребно да се користат антипресперанти- открива д-р Анета, специјалист дерматовенеролог во Ординација „Д-р Анчевски“.
Даница Караташова