„Брат, ја виде ли?!“
Фатија горештините, се надевам дека сите вие што
пекавте за лето сте среќни...оти јас не сум. Кај ме зеза климаксот со напливи
на жештина, уште температуриве ми требаа. Ок, ете во два реда си кажав што ми е
на душа, сега може да почнеме на темата млади, речник и останати дрнданици.
Ми ги знаете ритуалите преку викенд, нели? Пијам кафе и уживам (сама), па пишувам, па пак пијам кафе. Овој викенд застанав на првото кафе и останав на тоа. Седам и пуштам мозок на пасење. Се мислам што ми треба да спакувам, оти од среда одам на одмор, па кога ќе ми текне дека ќе треба да се пазарам со ќерка ми дека сите 35 маици не ѝ се реално потребни, ми се темни. Едвај чекам да заминам и во умот си штиклирам ставки кои ми се поминати.
Така потоната во себе, ме враќа во реалност кога едно прилично гласно и весело друштво на средношколци влегува во кафулето. А кафулето (дека наутро) празно, освен еден повозрасен човек на едниот крај и јас, на другиот крај од не баш малиот кафич. Дечкиве цели размуабетени од празна кафана седнуваат на фотељи зад мене.
Кога велам зад мене, мислам на тоа дека десната рака на едно од момчињата беше на 15 см од мојата глава. Веднаш ми беше јасно дека нема да има ништо од пишувањето. Пуста младост, убава. Дава сила и моќ, дава чувство дека можете сѐ да направите, дека сте бесмртни и дека силата на Универзумот е содржана во вашата генерација. Токму заради ова ја сакам младоста, сакам да ја слушам и гледам. Е, сега (па нормално дека ќе мрчам малку) има работи ми се интересно чудни. Обраќањето со „брат“, на пример. Брат може да биде родениот брат, најдобриот другар, комшијата од трети, а не ретко брат се и другарките.
Мене на пример, ќерка ми ме вика „dude“, без да забележам кај неа некаков напор или желба да глуми. Едноставно, сосем природно ѝ доаѓа да ме вика така. Не дека не сум мама или мајка-Ана, односно имам кованица Јана, па од Јана-мајка станав Јамајка. Веројатно таквиот жаргон и неговата употреба доаѓа од степенот на блискост со детето. Не знам! Само знам дека сум „dude“.
И да се вратам на дечките од кафичот. Секој секого ословуваше со брат, така што, веројатно да беше баба ми таму ќе речеше „блазе си му на родителите со толку деца, а не ко овие твоиве сама шо те остаја“.
И „браќата“ си тераа муабет за училиште, кој што поправил или не поправил, па кој на колку години тргнал во училиште и такви некои теми.
После некои половина саат откако ми се навикна увото на гласниот муабет, па веќе и не ги перцепирав (освен шо малиот зад мене едно време се закашла од цигарата што ми дојде онака мајчински да се завртам и да му кажам да намали малку, оти така кашлаат пушачи со над 30 годишен стаж) наеднаш вниманието ми го одвлекува извик „Брат, види ја бе! Ја виде?“. По муабетот контам дека станува збор за некоја девојка на инстаграм која до неодамна била девојка на еден од момците зад мене. Она што ме шокираше (освен фактот дека во една реченица беа спомнати гради, задник, нозе и останатите атрибути на дотичната малолетничка) е следново...„види бе како се сликала, по сликата одма знаев дека раскинале“.
Што би се рекло дека (заклучок од остатокот од муабетот) девојката додека била со момчето, не се шминкала и не се дотерувала многу, но откако раскинале ставала провокативни слики на инста. Чекајте малку, станува збор за женско чељаде од максимум 17 години! Тргам од моево дома што ќе прави 13 и одма ми станува неарно и имам уште еден бран на препотување, ама овој пат не е климакс. Она што ме зачуди беше дека уствари и од толку мали ги прават истите финти како веќе возрасните жени?! Демек, раскинати сме, а со фотките ќе покажам дека сум повторно free и расположена за нова врска.
И да! Сконтав дека навистина тоа така се прави. Дека не чувствуваме потреба да се фотографираме или облекуваме провокативно кога сме во пар. Дека нашата женственост и потребата да изгледаме убаво се јавува само тогаш кога сме сами? И кога ќе се завртам околу, гледам дека масовно е тоа така. Вулгарно кажано, се враќаме повторно на пазарот. Е како бе тоа кај мене не може така? И зошто? Јас кога завршувам нешто, кога прекинувам однос не личам на чоек. Од ниту еден аспект. Не сум расположена за драматични шминки, миничи, деколтеа, пози за шкрап. Тогаш сум расположена за кратење коса, избегнување да се шарам по лицето и што е можно помалку луѓе околу мене. Како бе тоа кај мене не е така наредено за да блеснам, наместо да се шлакам со коректор под очи?! Како мене еднаш не ми се случило после прекин на однос со некој што ми значел да станам секс симбол?
Не! Јас сум после прекин како накиснат глушец. Не зборувам, не јадам, не се дотерувам, не излегувам....ама кратам коса и менувам бои на истата. И додека ги слушав дечките како коментираа за ова погоре, сфатив дека уште од мали го имаме чипот дека треба да покажеме дека баш нѐ заболе малото прсте од ногата што сме изгубиле некого и дека „сега ќе види он што пропуштил“. А што со периодот кој тврдам дека е неминовно потребен за да си дојдеме на себе? Што е со онаа потребна самотија за да видиме до каде сме и каде сакаме да понатаму? Сигурно дека не е целта на живеачката да се скрасиме само до некого. Можеби грешам, ама мене ми е потребен период на оджалување. За мене, смртта на еден однос и љубов е исто како смрт на човек. Дека тагата не може да ми ја прикрие ниту шминка, ниту вештачка насмевка.
И пак ќе речам, можеби грешам. Можеби ова моево не чини, можеби е најдобро човек после раскинување да се стави во погон и да тера понатаму па макар и да одглуми малку. За жал (или среќа) таа лекција ја имам пропуштено. За жал или за среќа, не постои шминка која ми враќа сјај во очите ниту кармин кој ќе ми ги насмее усните. Тоа го може само мирот и нова љубов.
Сакам да ви кажам...не се силете на ништо. Кога ви е тешко, исплачете се. После можете и да го изнапцуете дотичниот или дотичната. Ама не брзајте да влетате во нешто ново, барем не додека старите емоции уште дишат во вас. Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
А го спастрив, не дека не
Кафез од коски му направив
Личен, ко за чоек дом да спремав
Од ребрата куќа му стокмив
И сериозно
(ко шо ми доликува на годините)
Му реков мирно да седи
Нека пеј
Ама аздис да не ми прај
На сигурно и тоа и јас да сме
Чудно пиле
Многу чудно пиле ова моево
Ко шуто само в очи ме гледаше
Ко да знаеше, ко да разбра
Демек срцето разумот го разбира
И ич не претна ко го затворив
Ниту намуртено ме опули
Само што оттогаш глас не пушти
Та некојпат и заборавав оти во мене е
Дури и дека некогаш постоело
Дека небото од гласот негов треперело
Чудно пиле
Кутро чудно пиле
Живо, а закопано
Оти и нему жал за мене му било
И ете решило оти ќе ме остај на раат да подишам
Чунки животот во вдишување и издишување е
Та пикни храна во себе
Тури вода во стомакот
И од спомени живеј!
Ама пусто таквиот живот ко казна е
Ко робија во која сам ланци си врзуваш
И стегаш
Стегаш ко месото твое да не е
Ко да не те боли кога кожата ти напукнува
Кога душата ти помодрува
Од ударите кои сам себе си ги нанесуваш
И еден ден пред очи светот ти пука
Рацете во себе ги пикаш
Повторно ко телото твое да не е
И колку појќе те боли
Толку појќе уживаш
И кршиш
Коските една по една си ги кршиш
И прошка бараш од пилето твое
Та во себе се молиш
Да не заборавило да лета
И гласот јабана да не му ошол
Кршиш и со свиен опаш леко по крилцата го галиш
Дур пазиш
Ко својот живот да го пазиш
Да не му ги скршиш дур надвор го вадиш
Оти после дал внатре седело
Или на слобода си го пуштил
Никојпат не ќе летни
Чудно пиле
Во секој од нас по едно такво лежи
Безгласно и трпеливо чека
Да се осмелиме да дишеме
Да љубиме
Да живееме