Буци, научи да се сакаш

Добивај вести на Viber

Еден Велигден баба ми печеше јагне за целото семејство. Тоа беше мојот прв Велигден каде што јас ќе пробам јагнешко месо, ама најважно е како го пробав. Мајка ми и Татко ми беа на работа нормално до четири и нешто а бабата како и секоја баба царица беше готова со ручекот во еден. До ден денешен таа и дедо ми имаа навика да ручаат најдоцна до два. Сега е поинаку, ќе си оди уште малку царицата моја. Нејсе, нормално како секоја баба, штрбна од мевцето за да ми даде да пробам. Уф. Жената знаеше сериозно да готви. Го ставаш месото во уста и почнува рузмарин ливада да ти се привидува. Меко, топло, тазе, печено со љубов што би рекол татко ми покоен. Абе душа. И така јас прв пат пробав јагнешко, баба ми ја замота тепсијата во фолија и ја стави одозгора на шпорет, да стои топло. Е сега, висината на тој шпорет достигнуваше точно до врвот на мојот нос. По моја пресметка, како ја брцнуваш раката под фолијата и чепнуваш од мевцето, нема шанси да се примети после кога ќе ја отворат фолијата. И така квалитетни три саати јас напоредно играв во двор и си подчупнував од мевцето, ама строго под рака, на само, кога немаше никој во кујната. И дојдоа моите, ја постави баба ми трпезата, го постави месото покриено со фолија и ме викнаа на ручек. Не бев гладна. И си кажав дека не ми се јаде, да бидам искрена. Отвара баба ми фолијата, гледа таа, гледам јас во неа и мртва тишина. Фали цел бут од јагнето. Татко ми почнува веднаш со реакција ете мачките се качиле на шпоретот и го изеле, мајка ми ја гледа баба ми, а баба ми ме гледа мене. Јас станав, се извинив дека не сум гладна и дека ќе се вратам на играње. Нормално мајка ми ја сфати целата ситуација кој е стаорецот што го изеде целиот бут, па така си признав дека си поткаснував додека играв. Ама па од кај да знам дека цел бут ќе отиде јас не мерев. Помини замини..Јадна моја баба што се помина со мене додека ме чуваше. Ај што бев буце ај, него што не ме држеше место цел живот. Еве до денес цупкам. Имав рани на колената што никогаш не успеваа да заздрават, ќе фатат корупка, пак ќе се струполам и ќе ги одерам. Се качував по дрва, трчав, скокав, блесавев. Ако наумев нешто, не потоеше овоземска сила да ме разубеди во идејата да не го добијам тоа, ќе се превртев наопачки додека не го направам тоа што сум го намислила. Заради таа моја тврдоглавост бидна Драма и јас стигнав овде, пред мојов компјутер, да ја раскажувам приказната.

И сега сме во момент каде требало да поминат цели 30 години, да јас се освестам, да го размислам мојот начин на живот, да пораснам и пробам да созреам и да сфатам дека тоа детенцето што штрбнува од под фолија, веќе не е дете. Жена е, што секое утро станува и се погледнува во огледало и доколку не е задоволна со одразот, ќе биде незадоволна од се. Секојдневно добивам пораки од типот на леле браво како можеш, еве јас не можам да се натерам, немам мотивација и слично. Мојата мотивација беше многу едноставна, не ми се допадна тоа што сум, и тоа што станувам. Не бев среќна. Неколку пати сум ви кажала и пак ќе ви кажам, победете ја вашата најголема зависност и ќе можете да го освоите светот. Ви се налутив едно време, што толку многу се даде на значај на моево слабеење и физичка трансформација, ама без да размислам дека со таа лична промена, јас променив се околу себе. Начинот на работа, дизајните, секојдневието, детокс на секој фрагмент од сопствениот живот. Со таа промена добив храброст да кажам Не, да се ценам и почитувам повеќе, да се засакам толку многу за да оставам простор да ме сакаат тие што се околу мене на безценет начин. Да давам, да сакам повеќе од себе секој ден, да не се задоволувам со трошки и да го ценам секој момент од животот тродупло. Сакам да се освестите и да започнете да го цените она што го имате, а ако не сте задоволни, алчно да побарате повеќе. Од себе повеќе.

Јас сум Ивана Кнез, ова е за Ангел, еден нај мој, кој секојдневно ме подсетува дека со многу малку можеш да имаш најмногу, дека пред вистината и Боговите клечат, и дека позитивната енергија е таа што спојува космоси.

Се читаме следната недела.