Љубов посилна од сѐ: Руско-украинска цветна полјанка

Добивај вести на Viber

Голема ми е радоста што работам со цвеќе. Всушност не знам ни дали тоа можам да го наречам работа, бидејки тоа е едно такво уживање, кое мене ми личи на една животна цветна полјанка, која изобилува со музика.

А таа полјанка, е цветната музика на животот.

Да!, кога животот би пеел, тоа би го правел преку цвеќињата. Сигурна сум во тоа.

Сто пати сум ви кажала дека кога животот би ни давал можности да си одбереме еден подарок сами за себе и кога тоа би можеле да го направиме само еднаш во животот, јас би го побарала токму овој подарок.

Да “работам“ со цвеќе.

Тие средби со цвеќињата и со луѓето кои доаѓаат по разни поводи да ги купуваат се навистина бесценети.

Не можам да речам исто, но со бескрајно голема посветеност “работам“ аранжамн и за свадба и новороденче и за погреб.

Кога еден живот се раѓа, тогаш целата таа цветна полјанка пее и се радува. И танцува.

А, кога еден живот умира, тогаш истата таа цветна полјанка се стишува, се смирува и се исправа, за да испрати еден живот достоинствено свечено и со почит. И почит и благодарност. И ова е исклучително свечен момент.

Затоа велам предзнакот е различен. Ваму е радост и игривост, а ваму почит, спокој и достоинство.

Но, посветеноста во креирањето на тие цветни аранжмани е огромна и во едниот и во другиот случај. Ете тоа е тоа блескаво “работење“, со цвеќето. Тоа е таа волшебност со која се поврзуваат двата краја на животот. И раѓањето и смртта. И се она што е помеѓу нив. И родендени и дипломирања и докторати и запросувања и веридби и свадби и годишнини и извинувања и желби за побрзо оздравување…

Сите овие поглавија кои се дел од речиси секој еден живот ги поврзува цвеќето. На сите овие блескави моменти цвеќето им дава радост. Се до умирачката.

Од почеток до крај, токму цвеќето е тоа кое го ниже овој животен ѓердан.

Но, слушајте ја сега оваа приказна!!

Не знам дали ви кажав дека “Сончевина“, сега е “Сончевина-Блум“. Ова се случи неодамна, пред 3-4 месеци, кога сопствениците на цвеќарница “Блум“, решија да си заминат од Македонија и да го продолжат својот живот на Малта.

Ми го понудија нивниот бизнис, како дополнителен бренд и се договоривме.

Тоа вклучуваше и веб страница, која веќе 10тина години функционира на интернет пазарот.

Го прифатив овој предизвик, како уште еден бонус подарок од животот и почнав.

Почнав што!?

Да ги поврзувам сите точки на светот со Македонија. Со цвеќето.

Некои од луѓето кои нарачуваат преку веб страната се наши Македонци кои живеат и работат во странство и испраќаат цвеќиња за разни поводи тука на нивата потесна и поширока фамилија.

Други се странци кои по било кој основ се поврзани со Македонија. Работа, љубов, бизнис, пријателства… Разни приказни има.

И сите овие стотици, илјадници приказни имаат една заедничка точка. Цвеќето.

Никогаш не знам од каде се може да пристигне нарачка. Пред некој ден имав нарачка и од Саудиска Арабија на пример. Филипини, Тајланд… Чудо, чудо навистина. Јас така го доживувам сево ова. Како едно големо чудо.

Но…!

Има еден дечко, всушност украински војник, кој оттаму од Украина испраќа секоја недела, ама навистина секоја недела букет цвеќе за својата вереница, која дошла и живее тука, додека нејзиниот љубен е на бојно поле.

За овој букет никогаш не праќам доставувач. Овој букет секогаш го доставувам јас. 

И првиот и вториот и третиот и секој следен пат кога ѝ носам букет на оваа млада девојка, мојата внатрешна цветна полјанка се претвора во нешто што тешко можам да го објаснам. Ова е и радост и тага истовремено. Нешто како внатрешна молња, како спој на две жички, од кој те фаќа струја. Ова е и живот и смрт истовремено.

Кога ќе го видам неговото име на порачка се радувам дека е сеуште жив. Кога ќе треба да ѝ се јавам и да и го однесам букетот плачам што сум јас таа, наместо тој.

И ова е вака секоја недела. Буквално секоја недела тој испраќа букет црвени ружи за својата најсакана.

Таа доаѓа секогаш на истото место, на кое сме договорени да ѝ го предадам букетот со очи влажни како најубавата цветна роса. Нема повеќе од 25 години.

Ќе го земе букетот, ќе се насмевне тивко и нежно, како момина солза, ќе се гушнеме без ниту еден збор…, само хартијата и целофанот шушкаат кога се прегрнуваме, тука на улица, стоејки простум и двете.

Овие средби траат неколку секунди.

Таа знае англиски само неколку зборови, и јас украински исто така.

Ќе го гушне букетот најсилно-нежно, како него да го гушка во тој час, ќе се сврти и ќе си замине. Секогаш ја испраќам со поглед, додека не влезе во зградата во која најверојатно живее во изнајмен стан, додека не заврши војната.

Знам дека плаче додека оди по патеката. Плачам и јас додека ја гледам како се движи натака со гушнатиот букет.

Ах животе…

Пред некој ден, во мноштвото нарачки кои ви велам пристигнуваат од сите меридијани на светот, добивам порака на what’s up, со руски префикс 007 901……

Добар ден, јас сум Никита. Од Русија сум и војник сум. Сакам да порачам букет ружи за мојата девојка која во моментов е во Скопје…

Дали би сакале да ми помогнете околу порачката, не сум баш вешт со веб страниците….

Се скаменив… Зарем е можно!!???

Продолжува… (следниот четврток)




За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: