Да се врати облеката на срамот

Добивај вести на Viber

Многу пати сум размислувала како “модните индустрии“ го контролира човештвото.

Полека, тивко, на мало-голема врата влегуваат како пареа преку сите процепи, кои ќе ги начека подотворени.

Преку сите мали и големи пукнатини кои човекот ги остава така подотворени и напукнати и не ги санира на време.

Не грижејќи се и не размислувајќи дека токму низ тие процепи, ќе влезе и ќе се рашири како куга, “новото модерно“!

Понекогаш имам чувство дека сите тие нови трендови, во сите сфери на човештвото, како да го вртат човека на мал прст.

“Заслужни се и одговорни“ за образованието, за меѓучовечките односи, за семејните релации, за цивилизациските дострели, за социолошкиот и културолошкиот развој и напредок на човештвото.

Моќта на сите пропаганди во сферата на модната индустрија е огромна.

Од тоа што е ин, а што аут, како да зависи и што е ин, а што аут во однесувањето на човека.

Чудно е како се тесно поврзани овие две “култури и некултури“.

Чудно е како човекот на човекот му диктира кога и како ќе се однесува.

До пред само една-две децении “во мода“ беа многу поинакви модни парчиња на однесувања, кои денеска се сосем надвор од мода.

На пример, љубезноста, добрината, воспитувањето, културата, срамот….

Срамот, беше можеби една од најубавите човекови руби.

Кога ќе ми речеше мајка ми “срам да ти е“, како наеднаш да ми “џиткаше“, тежок костум од неколку слоја, за кој подоцна ми требаше време и време да седнам и размислувајќи за тој срамен потез, да соблакам слој, по слој од таа своја “засрамена руба“.

Да ги раскопчам и рассоблечам сите тие слоеви, за да можам повторно да застанам и да се погледнам во огледало. Како човек.

Како убав човек, на кој со раѓање би требало да му биде скроен шнит по негова мерка. Костум, животен костум, кој порано беше обрабен со сите овие, тогаш модерни манири на однесување. Љубезноста, добрината, финото однесување, срамот…

Изминативе две децении, почнаа полека да пукаат сите тие рабови. Миц по миц.

Знаете она кога несакајки ќе ви се скине копчето на пантолоните, или сукњата, баш пред излегување, па привремено со шпенадла, ќе го потфатите одвнатре, колку за да пројде денот. А паметот ви е се таму. Не дај Боже да треба баш тој ден, да се соблечете некаде, па да пукне брука и некој да ви ја види шпенадлата со која сте се обиделе да го прикачите едниот со другиот крај на фините манири. 

Долго време, човекот како да не се грижеше за сите овие попукани копчиња и рабови, па шпенадла ваму, шпенадла таму, прикрпено-недокрпено, почна да се кине работ, на внатрешната постава на човековиот костум. Онаа фина, свиленкаста постава, со која телото одвнатре и рубата однадвор беа едно.

До ден денес мислам дека нема погрда слика, кога на еден човек, маж, или жена му виси работ од мантилот, панталоните, или здолништето.

Затоа, ако сте забележале, во последно време во мода се парчиња, кои воопшто немаат ниту постава ниту рабови.

Пак ќе речам, до пред само 20 години, беше незамисливо да се купи костум, или мантил без постава. Мајстори-шнајдери беа оние кои можеа да ја прикачат и сошијат поставата, со оние лепенки, за таа воопшто да не се забележува. Па кога тоа ќе се испегла, преку крпа се разбира, за да не се изгори, или за да не светна финиот материјал, костумот изгледаше совршено.

Човекот и неговиот костум беа едно.

Ееее, кога само ќе се сетам, како порано се фајтаа, се пеглаа и се диплеа сите овие фини човекови рабови.

Или на пример, кога едната флекница, на штиклата се откачила и останала заробена во некоја животна калдрма, а жената продолжува и натаму да ги носи тие штикли, мислејќи дека тоа не се гледа и дека никој нема да го види.

Се‘ се гледа и секој го гледа тоа.

Не знам зошто дојде во мода да се правиме дека не гледаме ништо.

Се сеќавам дека порано беа во мода и кондураџиите.

Речиси и да немаше населба во која немаше барем два-тројца кондураџии.

Па ќе ги изгланцаш кондурите од дома, ќе ги собереш сите на кои им фали по нешто, на некои флекница, на некои ѓонот треба да се смени, на други врвките да се сменат…, и така исчистени и спакувани во ќеса, оти срамота беше поинаку, ќе ги однесеш на кондураџија. Тој, ќе ти даде ливче-пусулче, со кое за една недела отприлика ќе дојдеш и ќе си ги земеш кондурите, дотерани и спастрени како нови.

Сето ова порано беше во мода.

Модерно беше да се фајтаат, пеглаат, подрабуваат, дотеруваат, луфтираат, диплат и подредуваат сите фини човекови особини.

Од љубезноста, добрината, човечноста, преку фините манири, со кои со почит се однесуваш кон другиот секаде. И на лекар и во продавница и во банка и во болница. Па се‘ до срамот.

Срамот беше можеби најважното “модно парче облека“.

Денес веќе нема мајстори-шнајдери кои умеат да го скројат овој костум. 

А би требало, подитно би требало да се вратат токму овие парчиња облека во мода.

Оти ништо поубаво и поскладно не му стои на човека од фино подрабен и испеглан срам. 

За Женски Магазин, Тања Трајковска

*Ставовите изразени во колумната се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин

Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу: