Букет на неделата: Хризантема за среќа и здравје

Добивај вести на Viber

Убавите гестови отсекогаш биле на цена. Нивната вредност се мери во радост, во љубов, во благодарност... Има моменти во животот, кога сакате некому да му покажете колку ви значи. Подарокот да, секогаш има свое место. Секако. И тој ќе покаже дека сте мислеле на некого, дека сте истражувале што му треба, или што сака, тој некој, или таа некоја. Значајни во нашите животи. 

Но букетот цвеќе има своја посебност. Уште кога го купуваш, или кога го береш на ливада, или планина, мислите почнуваат да ти стануваат цветни. Иташ, брзаш, трчаш да го подариш. Сакаш да му го кажеш некому она, за што зборовите понекогаш не можеш да ги наредиш така, како што може да се наредат цвеќињата во букет. Секое цвеќе има своја порака, секоја боја нешто значи.

Еве хризантемата, која го краси денешниот „Сончевина букет“. Таа е цвет кој освен тоа што со своите раскошни и разнобојни цветови го оплеменува животниот простор, според старото кинеско верување има и волшебно дејство. Хризантемата носи среќа и здравје. Прв пат се спомнува во египетските записи, кои датираат од 15-ти век, пред нашата ера. Во Кина еден град носи име токму на овој цвет. А Конфучие ќе каже.

„ Ако сакате да бидете среќни цел живот, одгледувајте хризантеми.“

Оваа недела подарете букет хризантеми. Подарете радост и среќа.