Олимписка космичка правдина
Не се сеќавам кога последен пат волку
многу сум гледала Олимписки игри. Всушност од 2012 година, од Лондон немам
саглам одгледано Олимпијада. Оти после Лондон, таа следната беше во Рио Де
Жанеиро, таа по неа во Токио…, и таа разлика во временските зони, направи да
поминат тие две олимпијади ете така, помалку незабележано.
Ваквите глобални собири, имаат една многу голема широка слика. Огромна широка слика.
Додека јас тарашкам и пребарувам по Гугл, за да се потсетам која година каде се одржала Олимпијадата, тоа неминовно ме носи и на мојот внатрешен “животен сајт“, правејќи ми да размислувам, што се‘ во мојот живот се случувало сите тие години.
Не сакајќи излегуваат спомени и настани, кои одбележале некои мои лични Олимписки игри.
Всушност, секој од нас живее некои свои олимписки натпреварувања.
Четири, осум, дванаесет… години се период преку кој човек може многу да согледа.
Кога, каде и зошто успеал да ја оствари “олимписката норма“, за да влезе во игра. Кога, каде и како успеал, да го подобри својот личен рекорд.
Кога, каде и како успеал да освои бронзена, сребрена, па дури и златна медаља.
Кога, каде и како успеал да влезе со “вајд карта“ или како “лаки лузер“.
Кога, каде и како мислел дека ќе може да ги прелаже “олимписките судии“, па да се обиде да подметне или прикрие потез, за кој се надевал дека судиите нема да го забележат.
Како што тоа се обиде пред некој ден да го направи една Корејка во гимнастика. Доскокнувајќи при троструко салто, се залепи за земјата но левата нога и беше малку пошироко од потребното, па се обиде шеретски да ја спои со десната, мислејќи дека судиите нема тоа да го забележат.
Се разбира дека го забележаа и дека таа доби двоен казнен поен. Едниот поради тој неправилен доскок, а вториот, поради обидот да ги прелаже судиите.
Тие имаат забавена снимка, во која точно го гледаат секое нејзино движење. Дури и секоја нејзина умисла.
Намерна, или ненамерна. Сеедно. Сето тоа е казниво.
Не постои намерна, или ненемарна грешка. Не постои она “ама јас не мислев така“. Што си направил си мислел. Секако дека си мислел. Свесно, или потсвесно. Се е тоа дел од тебе. Тоа си ти. И тоа се казнува. И треба да се казнува.
Исто, или многу слично како што и ние имаме секоја вечер, пред да си легнеме забавена снимка на секој свој потез, кој што сме го направиле во денот и со кој што сме се обиделе да прележаме некого, или себе си. Најчесто себе си.
Па потоа кога и како сме биле токму поради вакви недозволени потези дисквалификувани.
Ни се случувало секако и поради “допинг“ да ни биде одземена и медаљата и светскиот рекорд.
Целиот живот се едни фантастични олимписки игри.
Треба човек, ако не на секоја година, барем на секои четири години, да си ги согледува своите резултати, скриени намери, одземени медаљи, освоени медаљи.
Дисквалификации, квалификации, освоени норми, освоени светски рекорди. Сопствени.
Она што ќе го забележи, колку и да се обидува да го сврти на своја воденица, или да го прелаже и подметне, забавената снимка, сепак ќе му го покаже.
А таа забавена снимка се случува секоја вечер кога ќе си легнеме. Не случајно некогаш лесно заспиваме, а некогаш сон не не‘ фаќа. Апсолутно не случајно. И не случајно некогаш кога ќе се разбудиме сме како утепани, а друг пат, можеме цел свет да го “преораме“ и уздуш и попреку.
И уживам што е вака. Тоа ми дава и воља за живот и воља за праведност. И воља за верба и вера. Што во Бога, што во себе, што во космичка правдина. Како сакате наречете го ова.
Тоа што Ѓоковиќ освои злато е само потврда, на “крстот на верата“, што тој го носи исправено на себе.
Тоа е сопствена црква, сопствена вера, сопствена религија. Секој со својата. Човечка. Да, многу е битно да е човечка.
И секој од нас, многу добро знае што значи тоа. Нема лажење.
Тоа што Франција на отворањето ја покажа без задршка, без камуфлирање, и многу јасно, точно и прецизно, целата вистина на човештвото на ачик, вистина, која беше хируршки прецизна ставајќи ја главата на Марија Антоанета, пресечена во нејзините сопствени раце, бидејќи токму таа на човештвото во еден момент му рече “ако немате леб, јадете колачи“.
Потоа правејќи пародија исто така и од Тајната вечера, за која до ден денес целото Христијанство не е на чисто што се случило. Конечно Католичките Папите со својата инцестна хистерија, Православните поповите со својата похлепна хистерија, создадоа мегдан за ваква “уметничка пародија“.
Селион Дион, само покажа колку човек може, кога мисли дека веќе не може.
Та дали тоа беше вештачка интелигенција, или лично и песонално таа и дали тоа го наплати два милиони долари, или го отпеа за “Џ“, сосем е небитно. Тоа прозвуче космички. Јас сакам да верувам, дека е тоа нејзиниот личен светски рекорд.
А луѓето!? Луѓето како и секогаш. Некој се фаќа за мрачната, некој за темната, некој за светлата страна на човештвото. Било и ќе биде. Тоа се всушност двете магнетни димензии на планетата. Северниот и Јуниот пол.
Ако не е така поделено, Планетата нема да постои.
Тоа се тие природни зададености.
Па дури…!!! Па дури и неучествувањето на Русија, да донесе четири, или осум годишна пауза на Олимписките игри, исто онака како што тоа се случи 1940 година, откако токму Берлин беше пред тоа домаќин 1936 година, сосема е јасно дека тоа така би требало, или би морало да биде. Тоа е таа олимписка, космичка правдина.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу