Чек да брцнам во чантава: Секој со секого бие битка на социјалниве мрежи - општа хистерија

Добивај вести на Viber

Полека почнува да ми се смачува од измислениве виртуелни војни. Ма какви полека, од првиот момент, ми се слошува од ваквите безобразни преписки. Секој со секого бие битка на социјалниве мрежи. Хаос. Општа хистерија. Нит се знаат меѓу себе, нит се познаваат, а смртни непријатели биѓаваат. Очи ќе си ископаат. Ќе се заколат.

Тоа такви закани и уцени фрчат, такви навреди и пцости, што и срам и страв те фаќа истовремено.

Си велиш можно ли е ваква стравотија од гнев да е насобрана во луѓево. Ваква агресија на ангро.

Ама само “преку трупа“. Викни ги на ринг, да видиме кој е појак, ќе се скапат бегајки. Опашот подвиткан, ко ништо да не било. Се ќезат ко мрднати. Ејјј, кај си бе брат!? Шо има!?

Како бе така!? Баба ми гмизавци ги викаше таквите.

Не дека војните со ѕверовите од Римско време ги сакам, или пак оние кај што еден наспроти друг, до смрт двајца ќе се испотепаат, ама таму бре брате барем, искачаш на отворена сцена и кој е појак молим лепо. Нему сите аплаузи и почести, а другиот на колена.

Овде ќе каже некој од “инфлуенсериве“ нешто, (што политички, што по мода, или фризерски стајлинг-што и да е…) ќе се најде некоја Ѓурѓа, или Ѓуро да пркоси, напати често и во право се луѓево и отиде курбан чоеков. Ќе го искасапат. Од прадедо му ќе му ја изблујат приказната. Ќе му сотрат се живо и диво. И по деца и по жени, и по мајки и по шајки… Нема милост. Р’шум ќе го сторат човков.

Ако е некој сајбија, ќе тера цара до дувара, па ќе ги спакува сите овие другиве ко дете звечку. Во два потега. Мамичето мамино ќе им го расплаче, ќе пожалат што се родиле. Тие нему со куршуми, тој ним со топови. На крај ракети земја-воздух. Се ќе експлодира. Од гадости.

Ама ако е некој, што сефте, неспремен ќе влезе во ваков бунар од неваспитање и немилост, сакајки некоја правда и тој да истера, сон не ќе го фаќа три дена човеков. Не ќе знае што го снашло. Да оболи човек, ако тргне со душа, срце и чиста намера да се “фајта“ со ваквиве спремни ѕверови, што едвај чекаат некој таков фин, воспитан и културен, па да го раскинат на парчиња. Душата да му ја сомелат.

Ја ставрно не знам како овие другиве мува не ги лази. Абе мислиш ко за леб и млеко праат муабет.

Абе по исти ли улици газиме, на исти ли семафори на црвено чекаме!? На исти ли тезги пазариме, иста вода ли пиеме. Исто ли се будиме и си легнуваме. А!?

Знае ли некој да каже!?

Се “ѕверам“, да ми извините на израз, ѓомити да препознаам нешто поинакво, ама не бре брате сити исти ми изгледаат.  Ама рогови немаат, велеше баба ми. Не можеш да ги препознаеш.

Од кај се симна оваа наезда, за која нема “запрашување“?

Додуша не се сите исти. Гледам некња интевју на еден од овие српскиве рапери, кому гласот му го компјутеризираат, како ли да се вика тоа. Оти само така може да “пее“. Го гледам ликов и ништо не ми е јасно. Бела маица, ко, оние за спиење летно време татко ми што носеше. Некоја бермуда-гаќа, см’кнати до под пупак. Такви да ми простите носевме, поплава кога ќе ни го фатеше подрумот во Тафталиџе, после јак дожд. Се облакаше нешто од крпиве за патос што беа, колку да не си гол, и со чизми до колена, од оние гумените да се извади водава од подрумов. И тоа после се флаше во ѓубре.

Е на таква гаќа, типов носеше, бела спортска чарапа и некоја патика од оние по 500 евра што се и плус златен ланец и плус златен саат. Ролекс ли беше, што ли бутур беше не знам. Да не грешам душа. Мене златен саат, одма на Ролекс ме мава.

Гледам после прилог од истиов лик, некаков си концерт во некоја од нашиве дискотеки, девојчињава коси корнат. Го гледаат, како икона да е. Како замајани. Како Боже ме прости да им забјал некој кога излегле од дома и влегле во дискотекава. Аууууу….

Ја ли се мрднав, светов ли отиде у бестрага. Мењам канал. Ми се лоши. Сериозно не ми е добро. Си викам, знаеме ли ние мајкиве децава кај ни одат.

Знаеме ли тоа тапите погледи, одвреме-навреме кој им ги прај и од кај им доаѓаат. Или па да не грешам душа, па да ставам се у исти кош. Може тие деца, се од такви мајки. Кујзнае!? Може крушка под крушка си паднала.

Читам утредента на некој од порталиве, вика:

“Откако Ѓурѓа еди-која си, го пуштила во јавност своето порно видео клипче, цената на настапиве по дискотекиве и се зголемила за 7 пати“.

До пред видеово земала 1000 евра хонорар, сеа зема 8000 евра.

Чекај бе си викам, каде јас со моиве хонорари за пишување колумни и за правење репортажи.

Ја значи цел месец гола треба да шетам по Скопјево, за да стасам да заработувам колку нив.

Ама мене у лудница ќе ме пикнат правац. Ќе ме препознаат дека не сум од “нивните“. Ми се иде еднаш од знатижеља да го направам тоа. Да пробам, баш да видам. Ама страв ми е немам петља.

Ама затоа не ми е страв, на сите вас кој ја ширите оваа куга на 21ов век, да ви кажам дека би ве ставила во логор сите. Сите до еден. И око не би ми трепнало.

Лоша сум!?

Да! 


Колумната може да ја слушате во аудио-верзија во продолжение:

За Женски Магазин, Тања Трајковска