„Цели 27 години чекав... уште од сега имам трема “: Јелена Розга за големиот спектакл кој ќе се случи на 10 февруари во Скопје
Цели 27 години
чекав на вакво нешто. На ваков музички спектакл, со играње, пеење, кореографии,
танчари, костими…- вели Јелена Розга пред големиот скопски концерт закажан на
10 февруари во арената „Борис Трајковски“.
Концертот е во склоп на турнејата „Минут срца мог“, а Розга во Скопје доаѓа по одличните музички концерти во Белград, Загреб и Нови Сад. Концертот е во организација на Скајмјузик, а целиот спектакл ќе биде заокружен со нивната врвна аудио-визуелна продукција
„Уште од сега имам трема, позитивна. Само да можете да замислите како ќе биде во последните десетина дена, па пет..., а како ли ќе биде тоа утро на денот на концертот... Утрата на денот кога имам концерт ми се најтешки. Ама сѐ се тоа слатки маки, живеам за публиката, за настапите и навистина со нетрпение очекувам да застанам пред македонската пулика и да го оставам срцето затоа што не постои настап овде кој не бил посебен“, рече Розга, која оваа турнеја ја подготвуваше долго со оглед на тоа дека меѓудругото има и 15 прилично комплицирани кореографии и неколку преслекувања на сцената.
„За оваа турнеја се подготвував со месеци и навистина сето ова што го направивме бара голема психичкофизичка подготовка. Имавме и имаме многу проби со танчарите заради кои, со оглед на тоа дека се од Словенија, постојано патувам во Љубљана и вежбаме со часови, но морам да ви признаам не ми е воопшто тешко затоа што ова го сакам, ова сум јас и многу ми е важно да нема грешки. Кога тргнавме да се подготвуваме реков - ‘Во ред, ќе работиме, но не смее да има грешки, не смее да има ниту погрешен тон’“, вели Јелена.
Што се однесува до музичкиот дел, како што на прес-конференцијата истакна Александра Тимковска, ПР на настанот, на репертоарот ќе бидат ставени сите најголеми хитови од соло кариерата на Јелена, но и оние од почетоците и времето кога беше дел од групата Магазин.
„Ваква Јелена немате видено, концертот изгледа светски и буквално совршено спакувана е секоја секунда од настанот кој трае речиси три часа“, рече Тимковска и додаде дека влезниците се пуштени во продажба преку www.efinity.rs, но и преку бесплатната апликација eFinity, како и преку веб-страницата www.kupikartizase.com и на сите нивни продажни места.
Билетите се продаваат по цени од 1000 денари за партерот, 1500 за фанпитот, сребрените и златните седишта чинат 1300 и 1800 денари, додека влезниците за ВИП делот се продаваат по цена од 2200 денари.
Концертот во склоп на турнејата „Минут срца мог“ е во организација на Скајмјузик продукција и ќе се случи на 10 февруари во арената „Борис Трајковски“!