Бечка школа, Балкански смер
Балканот си е Балкан и ќе си остане Балкан за век и веков. Само ние што сме од Балкан, знаеме што значи да се биде Балканец. Го знаеме тоа затоа што сме препредени и прошнирани со сите балкански шавови и конци. Само ние знаеме што значи да се протнеш таму каде што другите шијат, само ние знаеме како е да влезеш на мала врата, а да излезеш на главна капија.
И обратно секако. Да бидеш приметен ако сакаш и никој да не те види, пак ако сакаш. Да се мушнеме што се вели. И да завршиме работа којашто ни „Бог-Отец“ не би завршил. Само ние знаеме што значи да креваш чалам со пет банки у џеп, или да мрсиш муда – (да ми простите на израз) на која било тема, а појма да немаш за истата. Само ние сме врзани фамилијарно како свински црева, едни со други, а при тоа испокарани со цела фамилија и со три колена наназад.
Само ние се разбираме у „све“. И у политика и у филм и у спорт. Само ние знаеме како е да си најпаметен и за све да те бива. И гума да смениш на кола и гајтан на пегла и фасонка на сијалица. И сами да окречиме и да ископаме бавча и свиња да заколеме и ракија да направиме … И да седнеме со стопати живели, а да завршиме со сто пичке материне. (Пак да ми простите на израз), ама во нашиот јазик имаш ситуации кои никако поинаку не можеш да ги објасниш освен со „сто пичке материне“.
Не бива нас Балканците за „све“. За курч најмногу. Оти тоа ни е во крвта. Има нешто проклето добро во сите нас. Толку добро, толку проклето добро, за кај и да не џитнеш по светов ние, ќе ја пробиеме шифрата од 9 бројки и ќе влеземе во системот. И ќе бидеме најдобри.
Ама тоа проклетото, е тоа ни е проклетијата. Што сами меѓу себе се уништуваме. И едни со други и сами себе. Пушти не по светот, ко мачки со девет животи сме. Го можеме тоа, што никој друг не го може. А донеси не дома, мамицата мамина сами себе ќе си ја расплачеме. Мрзи невидени. Ако може некој друг тоа да го направи за нас. Најубаво. А недај боже на комшијата да му е поубав дворот. Тешко и нему. Сто приказни ќе му скроиме. А тешко и нам. Оти душата со чемер ќе си ја наполниме од јад и завист. Ете тоа е таа проклетија.
Под команда, да не речам камшик супер функционираме. А да треба, сами себе да си ја кроиме судбината парче ќе се сториме. Тоа е тој балкански менталитет. Кој сите ние балканците на ваков или онаков начин си го носиме во себе како број на шасија. Како матичен број. Како днк, од која нема бегање.
И што се случи!?
Србите викаа „убиј, убиј шиптара“.
Хрватите – „убиј, убиј србина“
Албанците – „чифша мачедонес“ …
А Словенците …
Е Словенците ќе играат во осмина финале.
Иако најмалку знаат да играат фудбал од сите овие, односно од Србите и од Хрватите секако, ако не од Албанците, ама овие другиве дувнаа у шише, а Словенците тераат даље. Е тоа е тоа.
Ама нели за Словенците отсекогаш сме велеле, дека тие нити биле дел од Југославија, ниту пак биле од оној балкански смер. Тие се си друга школа. Такви биле, такви си се до ден денес. Си бркаат работа и си тераат напред.
За нас Македонците, Бугарите и Грците, не ми се ни зборува овој пат.
Како и да е и како и да го свртиш ова Буре-барут, стално сме на готовс да пукнеме. Точно таму каде што другите ни ја скроија судбината, додека ние се протнувавме, таму каде што тие шиеа. Оти нас најмногу за тоа не бива. За тоа време тие ни го скроија шнитот, ни ја сошија картата, ни ги напишат правилата на игра и не победија 3-0 служено на домашен терен.
И дали и ова првенство, фудбалот ќе биде игра во која играат 22-ца играчи на терен, а на крај победува Германија, ќе видиме.
За Женски Магазин, Тања Трајковска
*Ставовите изразени во колумната се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Женски магазин
Колумната можете да ја слушнете во аудио верзијата подолу